Достапни линкови

Коментарите во Белград воздржани


Откако американскиот државен секретар Колин Пауел, соопшти дека на Србија и Црна Гора нема да и биде одобрена помош во вредност од околу 10 милиони долари, поради несоработувањето со Хашкиот Трибунал, во Белград коментарите се воздржани. Нема никаква реакција на американските тврдења дека Ратко Младиќ се наоѓа во Србија, и дека српската влада може да го уапси. Надлежните само повторуваат, дека проблемот не е нерешлив и дека Белград ќе стори се за да ги исполни своите обврски. Воведувањето на санкциите од страна на Соединетите држави, го наметна и прашањето, како оваа одлука ќе се одрази и врз односите меѓу Црна Гора и Србија.

Во наредните денови Соединетите држави ќе ги повлечат американските советници задолжени за технички прашања од српските министерства. Тоа е една од првите последици, со кои ќе се соочи земјата, по одлуката за суспензија на американската помош на Србија, потврди амбасадорот на Соединетите Држави во земјата, Мајкл Полт. Останатите последици ќе бидат, скратување на помошта за реформи во даночниот систем, пристапувањето во Светската Трговска организација, како и економските реформи. Има само еден начин за Белград да се извлече од оваа ситуација, додава Полт.

,,Тоа што Владата на Србија треба да го направи е, едноставно да ги исполни своите обврски. Прва од нив, е да ги уапси сите обвинети за воени злосторства и да му ги предаде на Хаг. Поединечнa или делумна соработка, е неприфатлива. Едноставно потребна е целосна соработка со Хаг.“

Сепак во овие моменти, Вашингтон ,,не му врти,, целосно грб на Белград. Амeриканскиот амбасадор нагласи дека Соединетите Држави ќе се обидат да ги ублажат последиците од ваквата одлука врз српскиот народ, со зголемување на помошта за поединци, за приватниот сектор, за независните медиуми и општинските власти. Министерот за локална самоуправа Зоран Лончар, изјавува дека Владата никогаш не го врзувала добивањето на помошта со прашањето за исполнување на меѓународните обрврски.
,,Владата на Србија е свесна за одговорноста што ја има кон своите граѓани, како и за обврските кон меѓународната заедница. Ги исполнуваме и ќе продолжиме да ги исполнуваме обврските, но сметам дека не е добро да се поврзува меѓународната помош со нивното исполнување. Тоа не е вистински начин за решавање на проблемите.“

Воведувањето на санкциите го отворија и прашањето, како оваа одлука ќе се одрази на односите меѓу Црна Гора и Србија. Официјалните црногорски власти сметаат дека ќе има импликации, бидејќи несоработката со Хаг, ќе го успори процесот на евроатлантски интеграции на Црна Гора. Заменик министерот за надворешни работи на државната заедница Предраг Бошковиќ, вели.

,,Црна Гора не сака да биде заложник на една таква политика, политика која не води во изолација со развиените земјите и ќе се обидеме, доколку тоа прашање не се реши веднаш, да бараме некои алтернативни патишта.“

Експертите предупредуваат дека во целата ситуација, не е толку трагичен износот на парични средства што ќе се изгуби, туку подршката што на Србија и е потребна во релациите со меѓународните институции.
XS
SM
MD
LG