Достапни линкови

logo-print

Алексеј Дума, претседател на лекарската комора на Македонија. Можно е враќање на дигнитетот на лекарската професија


Професор Дума, еден месец по смртта на 19 годишната Наташа Кметовска, којашто на клиниките беше третирана од повреда од петарда, а почина од куршум. Се бара одговорност од лекарскиот еснаф, се лоцира одговорноста на повеќе места. Каде вие ги лоцирате проблемите во целиот случај?

Сметам дека се работи за правна држава и така и постапуваме. Активирани се сите механизми коишто се овластени да постапуваат според постоечката регулатива. Сметам дека тоа е во ред. Не е во ред повикувањето на линч од страна на медиумите и излегувањето од правосудните аули. Ниту еден од нас, не е повикан да суди за нечија вина или невиност. Само би ве потсетил, прочитајте ја приказната за Вавилонската проститутка и се што се случувало околу неа во Библијата. Мислам дека тука е поуката за сите нас и однесувањето во овој период. Повикувањето на линч, сега, тоа што го прават медиумите е надвор од начелата на функционирање на правната држава.

Лекарскиот тим којшто работеше на истражување на овој случај од клиничкиот центар, не даде одговор во својот извештај дали е направена лекарска грешка, иако постоеја индиции во јавноста дека се направени пропусти. Институтот за судска медицина направи обдукција. Што врз основа на тие наоди може да се каже?

Комплетниот обдукционен наод, согласно упатствата од новиот Закон за кривична постапка, значи аудио снимка, видео снимка и секционен извештај, се доставени до истажниот судија и ние сме подготвени ако има дополнителни прашања, да одговориме на нив во врска со настанот. Истажниот судија располага со податоците коишто бараше да му ги обезбедиме како доказен материјал и само тој е овластен да дава изјави.

Реакции во јавноста, во меѓувреме, предизвика потегот на министерот за здравство кој од функциите ги разреши директорот на клиничкиот центар и директорот на торакална хирургија. Се отвори прашањето дека не е до крај решено прашањето на степенот на одговорноста, односно индивидуалната одговорност во целиот случај, и се остави впечаток дека се штитат одредени личности во здравството со еден таков потег?

Ова прашање спаѓа во сферата на актуелната политика, значи политичко прашање. И лекарската комора по дефиниција не смее да влегува во дневно политичките активности. Така што, одлуката на Министерот е дневно политичка одлука и одлука на владата. Дали е добра или не е добра, тоа ќе го покаже историјата и натамошните политички настани. Ние се дистанцираме од секаква дневна политика во сегментот на здравството. Во секој случај, Институцијата лична одговорност е еден од паралелните патишта кон градењето на професионалноста. Како е тоа направено, нека одлучи тој што ја донесе одлуката и тој којшто стои зад таа одлука.

Како во меѓувреме функциониравте како лекарска комора. Вие сте претседател, се споменуваше судот на честа, негово повикување?

Вака да ви кажам, судот на честа, објективно, може да биде активиран по носењето на измените на Законот за здравствена заштита, бидејќи со измените на тој закон и лекарската комора, прв пат, по 12 години фунцкионирање, го доби својот правен статус. Можам да ви кажам дека многу будно ги следиме настаните и го градиме својот став и мислење. Сериозно сме разговарале за начинот на активирање и на пеналниот дел од лекарската комора, но исто така сметаме дека хиерархијата во законодавството мора да се почитува. Така што, Законот за кривична постапка и кривичниот закон во Република Македонија се закони од прва категорија и тие се хиерархиски над законот за здравствена заштита, а многу над Статутот на лекарската комора. Затоа е нелогично и невозможно лекарската комора да се произнесе пред ставот на државниот јавен обвинител, односно на органите и институциите овластени да ги спроведуваат тие два закони во Република Македонија. Ние немаме свои истражни органи и не треба комората да има истражни органи. Чекаме информации од судската постапка. Правосилноста на пресудата е крунски доказ и крунски материјал во натамошното одредување на вината, односно прекршување на кодексот на медицинска етика, ние не зборуваме за пенална политика од кривично правен аспект, туку од етички аспект. Кривично правниот аспект, го регулираат законите коишто ги споменав.

Меѓутоа, сепак, во меѓувреме, немаше одговори дали е направен пропуст, дали е направена лекарска грешка, немаше целосни податоци за историјата на пациентката што е примена?

Во кривичниот законик постои кривично дело несовесно лекување и кривично дело непружање лекарска помош. Тие се јасно дефинирани и овластените институции постапуваат. Така што, грешката согласно тие два члена од кривичниот законик може да ја одредат само овластени институции. Тоа се судските институции, обвинителството и судовите. Во лекарските кругови, постои едно големо незадоволство, заради тоа што очевидно дека е започната хајка, против колегите, коишто социјалниот мир и стабилноста во оваа држвава го чуваа на сопствена штета и на штета на своето семејство. Знаете, никој не се сети да праша колку животи претходно спасиле овие колеги? Дали тие заслужуваат нивното име пред да биде нивната вина да биде на ваков начин валкано по јавноста.

Настрана индивидуалната одговорност, на лекарите, која како што велите треба да биде предмет на постапка на правниот систем во државата. Говориме за здравствениот систем генерално, како тој функциониа. Во изминатиот период, често се отвораше прашањето на влијание на политиката во здравството, на влијанието на партиско роднинските врски во здравството и со таа цел амнестирање на одредени вработени во лекарскиот еснаф?

Да, тоа беше се повеќе присутно и тоа доведе до комплетна ерозија во здравствениот систем. Во овој момент, морам да кажам една реченица, не сум член на ниту една политичка партија и сметам дека како слободен професионалец не треба ниту да бидам. Во овој момент можам да го изразам своето задоволство, дека прв пат по 12 години, ни се случува да актуелната административна власт не инсистира на заштита на одредени претставници, како што и гледате, инсистира на институцијата лична одговорност, и тоа внесува оптимизам кај нас дека ние дефинитивно ќе седнеме за градење на механизам за градење на професионалноста. Веќе се започнати таков вид разговори со министерот за здравство.

Но, колку може да кажете дека сте задоволни од принципот на професионалност во здравстевниот систем, со оглед на политичките влијанија во него, за коишто зборувавме, односно колку здравственот систем во Македонија има капацитет да биде имун на политиката?

Знаете што, тука постојат два елементи коишто го сочинуваат нивото на професионалноста. Тоа е личната моќ, едукација, владеење со вештини и знаење и тоа морам да кажам дека колегите го имаат. Другиот дел, којшто во изминатиот период се повеќе гаснеше е стимулирање на таа професионалност и третиот елемент е градење систем којшто ќе функционира како една целина. И тоа во изминатиот период, политизацијата го гаснеше. Мислам дека се случува револуција во здравството, со овие промени. Тоа не е додворување до актуелната власт воопшто, бидејќи немам причина да се додворувам, јас сум редовен професор на Медицинскиот факултет, и никој тоа не може да ми го одземе. Но, сметам дека овој пат почнуваме таму кадешто застанавме на средината од 90 години, почнуваме повторно да се трудиме да ги градиме системите на координација и субординација во градењето на добрата лекарска работа. Ќе биде тешко затоа што многу се разгаливме, ќе биде многу непријатно затоа што дозволивме во одредена фаза од развојот на здравството во државава во кафеански разговори да се градат ставови и критериуми за развој на една многу значајна и од безбедносен аспект гранка во функционирањето на државата. Сметам дека сеуште не е помината тенката црвена линија и возможно е враќање на дигинитетот на лекарската професија, таму кадешто и е местото според светските критериуми.
XS
SM
MD
LG