Достапни линкови

Сите аранжмани со ММФ и Светската банка на штета на работниците


Последните десетина години во државата има тренд на постојано намалување на правата на работниците, велат од синдикатот, обвинувајќи ја владата дека сите аранжмани со ММФ и Светската банка ги завршува на штета на работниците. Почнувајќи од потпишувањето на двата колективни договори, со законот за ограничување на платите, следуваа низа рестрикции, од одделението за социјално – економски истражувања:

„Паричниот надоместок што го примаше работникот додека беше невработен, во почетокот беше 24 месеци, потоа 14, па 12. Исто така се намали и правото за отпремнина, беше решението на секои две години стаж да се добие по една плата, сега, на секои три години, по една плата и најновото решение, сега се воведе со новите измени, оние работници што се пет години пред пензионирање имаат можност да примаат паричен надоместок до пензионирање, а предлогот беше на лицата со 55 години старост.“

Синдикатот е скептичен и околу новиот закон за пензиското осигурување кој на сила треба да стапи годинава. Оттаму бараат тој да се одложи до 2015. Во Словенија, вели Мановски, земја членка на ЕУ, не прифатија ан блок тоа што им бараше Светската Банка.

„Словенците сметаа дека нема потреба од донесување на нов закон, она што го бара Свеската банка ќе се обезбеди со измени во постојниот закон. Тоа Светската банка го прифати. За разлика од кај нас, се бараат радикални промени во пензискиот систем, што ние како синдикат не ги прифаќаме, се воведуваат нови фондови, во кои ние како синдикат немаме баш некоја голема доверба. Искуствата покажуваат дека често пати влегуваат странски финансиски организации кои тука доаѓаат да си направат бизнис и пак на штета на работникот.“

Во Словенија, но и во другите европски земји, можеби не постои К-15, ставка што владата не ја стави во буџетот, но има други привилегии за работниците:

„Постои друга категорија, 13-та плата, божикна плата, што ја примаат работниците во голем број капиталистички земји.“

И граѓаните генерално со оценка, дека се што се прави е на штета на работникот:

„Јас сум стечаец од ФАС. Многу лошо направија за работниците, мизерија, не мислат воопшто.“
„Нашите сакаат капитализмот сакаат набрзина да го донесат.“


Светската банка и ММФ секогаш ги сондираат мислењата на синдикатот, но на крајот работата ја завршуваат сами, заедно со владата. Затоа, синдикатот изјави Мановски, сега инсистира и тој да се вклучи во почетните разговори.
XS
SM
MD
LG