Достапни линкови

Светската банка и ММФ бараат завршување на реформите


Светската банка и ММФ не бараат да започнат, туку да завршат реформите во Македонија. Структурните реформи се тие што мора да ги завршиме што е можно побрзо, вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии:

„Значи Македонија дефинитивно да се ослободи од сето она што е наследено неефикасно, каде што државата и натаму е во одделни сегменти на стопанството, како во јавните претпријатија, така и во оние фирми во кои државата во никој случај не смее да биде присутна.“

Професорот од економскиот факултет во Скопје Живко Атанасовски пак со став, реформите во македонската економија се почнати во спротивна насока од тоа што би требало. Според него, реформите во судството би требало да имаат приоритет:

„Тоа законодавство такво какво што е, им овозможува на судиите да пливаат како риби во вода, тоа е главниот проблем за отсуството на сигурност и странски инвестиции. Второ, етничките проблеми се такви, нема да бидат наскоро решени. И тие ќе бидат проблем којшто ќе ги кочи реформите во економијата и ќе ги заплашува странските инвеститори.“

Со ваквата констатација се согласува и Џевдед Хајредини:

„Ако и натаму продолжиме со такво судство, каде не може да се решат предметите, не може да се фалиме дека сме создале бизнис клима во Македонија.“

Евентуалната девалвација на денарот која се заговара од дел од македонските стопанственици, според професорот Атанасовски би значела крах за македонската економија:

„Тоа би значело дефинитивен крах за македонската економија, ако воопшто ја има. Нашите чорбаџии се навикнати на многу високи лични богатства и кога ќе настанат мали проблеми сакаат товарот да го префрлат на народот, барајќи девалвации или други мерки кои нив ќе им одговараат краткорочно.“
XS
SM
MD
LG