Достапни линкови

Непочитување на правилата и меѓународната пракса во процесот на назначување амбасадори


Речиси 14 години во земјава нема Закон за надворешни работи. Во овој период имаше низа проблеми, посебно во делот на именување амбасадори, поради фактот што шефот на државата понекогаш го одолговлекуваше или одбиваше да потпише акредитивни писма. Бидејќи најчесто, претходно не беше консултиран за лицата кои се именуваат за амбасадори. Но, има случаи, кога, како што оценуваат експертите МНР до крај не ги исполнува своите обврски, во смисла на проверка на квалификациите на личностите кои ги предлага, како што беше случајот со кандидатот за Софија, Џевад Адеми од ДУИ, за кој по одлуката на Владата се утврди дека е на црната листа на претседателот на САД Џорџ Буш. Сега повторно се актуелизира прашањето за донесување закон за надворешни работи, а македонските дипломати посочуваат дека е потребно прецизирање на нормите за оваа област. Но, оти главна причина за пропустите што се прават е непочитување на веќе постоечките правила и меѓународната пракса:

„Кај нас самите закони не се најголемиот проблем. Кај нас многу посериозен проблем е примената на тие закони, значи имплементацијата, како тие се употребуваат. Така што и со овој закон, полесно е да се донесе, отколку да се спроведе,“

изјави Иван Тошевски, советник за надворешна политика на премиерот Владо Бучковски.

Според познавачите на приликите во надворешната политика, потребно е во законот за надворешни работи да се прецизираат посебно неколку прашања. Како јасно разграничување на надлежностите на претседателот на државата и шефот на дипломатијата или владата, бидејќи кога претседателот е од друга партија, а не од оние на власт се појавуваат проблеми, потоа вклучувањето на парламентот при изборот на лица за амбасадори поради подобра контрола при именувањето. Поранешниот министер за надвпорешни работи Александар Димитров, посочува дека посебно за успешна дипломатија или добро претставување на македонските интереси во државите и меѓународните организации, потребно е да се даваат инструкции на амбасадорите:

„Треба да се знае да се дава инструкции. А, како тргнало, поставуваат амбасадори кои и да имаат инструкции не би знаеле ни да ги спроведат.“
XS
SM
MD
LG