Достапни линкови

Кампањата меѓу двата круга „најпразна и најприземна“ до сега


В недела се одржува вториот круг од претседателските избори во Хрватска. Аналитичарите ја оценуваат кампањата пред вториот круг како ,,најпразна и најприземна,, во историјата на хрватските избори. Можно ли е одзивот на хрватските гласачи да биде помал, од оној во првиот круг на 2-ри јануари, кога излегоа само половина од евидентираните избирачи?

Тоновите во рамки на јавните настапи беа се поостри. Наспроти ова, програмите на двајцата кандидати беа ,,слаби,, а кампањата воопшто неосмислена, велат некои хрватски аналитичари. Психологот од Загреб, Мирјана Кризманиќ истакнува:

„Мислам дека нема смисла некому ,,да му се дува во врат,, и да се рече дека, ќе се инсистира ИНА да ги намали цените, како што зборува кандидатот Јадранка Косор. Тоа се бесмислени изјави. Во држава во која треба да постои слободен пазар, таа ќе инсистира ИНА да ги намали цените? Пораките се непромислени и апсурдни. Би било многу попаметно, доколку се насочеа кон тоа што би сакале да сменат или воведат во рамки на претседателската функција. Програмите дефинитивно им се ,,излитени,, и не доволно осмислени“.

вели Кризманиќ.

И новинарот на сплитскиот весник Слободна Далмација, Томислав Клаушки, оценува дека во кампањата двајцата кандидати се „препукуваат“ и тоа не ги мотивира гласачите да излезат на избирачките места:

„Ми се чини дека оваа кампања тече во насока, избирачите да се ,,избркаат,, од гласачките места. Сметам дека тонот што се користи, е меѓусебно препукување што е потполно излишно. Можеби Месиќ беше уморен, или заситен, можеби беше разочаран од фактот дека не успеа да победи во првиот круг. Но, како и да е, наместо кампањата да добие на интензитет во вториот круг, таа се повеќе тонеше.“

Можно ли е поради слабата кампања, вториот круг од претседателските избори во Хрватска да помине со уште помал одзив од првиот. Професор Кризманиќ, не е до крај сигурна:

„Тоа е прашање. Само со кампања концентрирана на предлозите и програмите на кандидатите може да се активираат гласачите. Доколку умееја да го сторат тоа ќе придонесеа за активирање на оние гласачи што претходно одлучиле да не излезат на изборите.“

Во вториот круг од претседателските избори, избирачите ќе се изјаснуваат помеѓу актуелниот претседател на државата Стипе Месиќ и кандидатот на ХДЗ и потпретседател на владата Јадранка Косор. Во рамки на првиот круг, Месиќ освои 49 насто од гласовите, а кандидатот Косор 20,18 насто.
XS
SM
MD
LG