Достапни линкови

logo-print

Законот за територијална поделба ги затегна тензиите во Македонија


Хјуман Рајтс Воч го објави петнаесетиот годишен извештај за човековите права во светот. Во него се сумирани клучните прашања во оваа сфера во шеесет и четири земји, преку настаните што се случиле во нив до крајот на ноември минатата година. Што се однесува до Македонија во извештајот, меѓу другото, се констатира дека Законот за територијална организација ги затегна и онака постојните тензии меѓу македонското мнозинско и албанското малцинско население.

До крајот на две илјади и четврта, скоро сите одредби од Рамковниот Договор со кој заврши вооружениот конфликт меѓу албанските бунтовници и македонските владини сили, беа имплементирани, се наведува во почетокот на извештајот на Хјуман рајтс Воч, во кој се додава дека сепак некои од тие одредби остануваат контроверзни и придонесуваат за затегнување на меѓуетничките односи во Македонија. Хјуман Рајтс Воч притоа оценува, цитираме: Генерално, дискриминацијата против националните малцинства, особено етничките албанци и ромите, како и полициското пречекорување на овластувањата продолжуваат да бидат проблеми. Покрај нив, други прашања кои ги нарушуваат меѓуетничките односи, според Хјуман Рајтс Воч, се: нерешената состојбата со раселените лица од конфликтот во две илјади и првата, околу илјада и деветстотини, и отсуството на програма за успешно разоружување. Три години од завршувањето на конфликтот, владата се уште не успеала целосно да го разоружа албанското население. Со тоа, како што се вели во извештајот, се придонесува за влошување на безбедносната ситуација во подрачјата каде што албанците се мнозинско население. Што се однесува до злоупотребата на полициските овластувања, Хјуман Рајтс Воч, меѓу другото, наведува податоци од Македонскиот Хелсиншки комитет, според кои, од јануари до септември минатата година имало најмалку единаесет случаи на сослушување на лица без тие да бидат информирани за нивните права или за причините за сослушувањето. Во извештајот покрај случајот Раштански лозја за кој под истрага во Хрватска е поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски/ се констатира дека Хашкиот трибунал ги испитува најлошите случаи на кршења на човековите права за време на конфликтот и оти во минатата година не покренал никакво обвиние во врска со тоа.
XS
SM
MD
LG