Достапни линкови

Експертите согласни дека на амнестијата треба да се стави крај


Последните случувања кон крајот на минатата година, Кондово и судските процеси против дел од припадниците на единицата за брзи интервенции „Лавови“ кои се осомничени за случајот Раштански лозјам во јавноста повторно го отворија прашањето за амнестија. Конкретно, деновиве со нов предлог закон за амнестија ќе се обрати пратеничката група на ВМРО-Народна. Во однос на иницијативата за нова амнестија, која беше поздравена и од ДУИ, експерите со став, дека на ова треба да се стави крај:

„Станува збор за прешироко толкување на амнестијата како институт и ако се продолжи вака тоа може да оди во недоглед. Можеби од една страна може да се тврди дека со првиот закон за амнестија не биле опфатени сите лица коишто требало да бидат опфатени со амнестијата и ова го толкуваат како еден коректив, на претходниот закон за амнестија. Меѓутоа, што ќе се случи ако после неколку месеци некоја друга политичка партија или некој друг субјект се заложи за проширување на временското важење на законот за амнестија и понатаму. Според мене, не гледам начин на затворање и заокружување на тоа прашање,“

вели професорот на правниот факултет Никола Тупанчевски. За професорот Назми Малиќи пак, прашањето на амнестијата мора да се заокружи, бидејќи не е можно секој ден да се поднесуваат такви барања:

„Треба да се најде една рамка на заокружување на амнестијата, затоа што ние не можеме секој ден граѓаните да ги соочуваме со предлози на амнестија, тоа ќе биде нешто бесконечно. Најдобро е и предлагачите на оваа амнестија, до Собранието, нека ги пролистаат малку и прашањата што се доставени до Република Македонија, посебно прашањата што се однесуваат на судската власт и воопшто за судовите кај нас.“

Во овој случај, доминира политиката пред правото, е ставот на професорот Тупанчевски:

„Прашање е коешто се помалку има врска со правото, а се повеќе со политичките договарања или добивањето политички поени.“

Новиот предлог закон за амнестија, предложен од ВМРО-Народна, денеска или најдоцна утре ќе биде доставен до Собранието. В.Д. претседателот на оваа партија Весна Јаневска вели:

„Предлог законот предвидува амнестија во пост конфликтниот период за дејства во врска со конфликтниот период.“
XS
SM
MD
LG