Достапни линкови

Студентите на медицина од Тетово сеуште размислуваат


Студентите од непризнатиот Медицински факултет во Тетово сметаат дека договорот според кој денеска треба да почне нивниот трансфер на универзитетите во Скопје, Тирана и Приштина не ги решава до крај сите отворени прашања. Нивни претставници велат дека до крајот на денот, или најдоцна до утре, ќе се изјаснат дали го прифаќаат договорот, бидејќи според нив, не е познато како ќе биде решен статусот на студентите од прва година, кои не се опфатени од трансферот:

„Целосно во Договорот, има 349 студенти, а надвор од договор остануваат околу сто студенти, значи уште ние тоа го анализираме и подоцна или утре ќе излеземе со конечен став.“

Според договорот меѓу Министерствата за образование на Македонија, Албанија и Косово што беше постигнат викендов во Охрид, од вкупниот број студенти, најголем дел, односно 187 треба да бидат префрлени во Приштина, на скопскиот универзитет треба да преминат 108 студенти и 46 на Универзитетот во Албанија. Осман Кадриу член на Сенатот на Универзитетот во Тетово, смета дека решението донесено меѓу трите универзитети, претставува единствената прифатлива солуција за студентите од Тетово и дека во најскоро време ќе биде најдено решение и за стасусот на студентите од прва година:

„Со оглед дека нема услови кај нас во Тетово да се реши прашањето на нивниот статус, единствено прифатливо решение е ова што е прифатено од министерствата. Има се разбира одредени проблеми, по однос на бројот на другите студенти што остануваат тука, меѓутоа сигурно ќе се најде решение и за нив.“

Условите според кои студентите од непризнатиот факултет во Тетово ќе можат да направат трансфер во Скопје, ги објаснува ректорот на универзитетот Св. Кирил и Меторид, професор Ѓорѓи Мартиновски:

„Тоа е вообичаена постапка, како и со сите останати студенти кои доаѓаат од други институции. Се формира таа комисија која ќе ги прегледа наставните планови, досието на студентите и ќе оцени за која година студентот може да ги продолжи студиите. Ако се покаже потреба ќе биде дадена можност да се извши дообука, да се изведат вежби, предавања или да се преполагаат одредени предмети.“

Со оглед на просторните капацитети на факултетите во Скопје, ректорот Мартиновски верува дека ќе може да им се излезе в пресрет на студентите од Тетово.
XS
SM
MD
LG