Достапни линкови

Господин Петар, Митрополит Австралиско – Новозеландски. Проблемот со МПЦ не е само црковен, туку и политички


Македонија е една од земјите, којашто заедно со Србија и Русија го прославува Божик според стариот календар, додека останатите земји од православниот свет го прославуваат овој празник според новиот календар. Какви се размислувањата во МПЦ за евентуална потреба од прифаќањето на новиот календар?

Ставот на Светиот Синод на МПЦ е дека ние нема да го менуваме календарот, затоа што не само тука во Република Македонија, туку и во дијаспората не се произјаснуваат ниту нашите верници, ниту пак има потреба од тоа. Веќе е најден конкретен начин да се прославува празникот така како што се прославува и ние секако дека ќе останеме заедно со сите оние цркви кои ги прославуваат празниците по Јулијанскиот календар, се до евентуалното свикување на некој Вселенски собор, на кој евентуално би се третирало ова прашање.

Кога ги споменав и Србија и Русија, заедно го прославуваме божик, но не може да се најде заеднички јазик во врска со статусот на МПЦ?

Во врска со признавањето на нашата црква како афтокефална, тоа прашање не е исклучиво црковно. Туку, како што ни е општо познато, и од најновите изјави дадени од неговата светост, патријархот на СПЦ господин Павле во Москва дека се работи за прашањето за името на нашата црква, односно држава и секако дека кога ќе се реши прашањето за името на државата, уставното име на нашата држава, Репулбика Македонија, тогаш многу полесно ќе се реши и прашањето за името на нашата црква, а во контекст на тоа и самостојноста, односно автокефалноста на нашата црква.

Кога на тој начин го концепирате проблемот, има ли влијание признавањето на името од САД во религиозните кругови?

Секако дека има во смисла дека прашањето е политичко и ако се реши со политички средства тоа прашање и ако Република Македонија биде призната со нејзиното уставно име тогаш нема причина православните цркви да го оспоруваат името Македонска Православна Црква и да ни наметнуваат само едно име – Охридска Архиепископија од која всушност ние и не се откажуваме, дека тоа е наша црква. Но, возобновената Охридска архиепископија е возобновена во лицето на МПЦ.

Дали во меѓувреме и независно од политичките активност МПЦ презема мерки, лобира кај одредени цркви, работи на тоа да се издејствува решавањето на статусот, паралелно со политичкото лобирање?

Сите православни цркви се запознати со проблемот на црквата и тоа прашање мислиме дека само по себе ќе дојде и ќе се реши веднаш по решавањето на статусот, односно решавањето на проблемот со името на нашата држава. Сметаме дека сите чекаат како ќе се реши името на државата, затоа што од името на држвата произлегува и името на црквата во конкретниов случај.

Во меѓувреме, остануваат замрзнати односите со СПЦ, такви се веќе една година, може ли да се очекуваат промени на тој план?

Секако дека ќе има, ако има желба и расположение кај СПЦ, за продолжување на разговорите, а ќе се продолжат разговорите кога конечно СПЦ, која всушност е сега на ред да се произнесе по тоа прашање, зашто од наша страна беше доставено барање за продолжување на разговорите и ние очекуваме од нивна страна покана за продолжување на разговорите, а кога тоа ќе биде ќе се договориме заеднички.

Се најавуваше и посредништво на руската православна црква. Кои се за сега резултатите од таа најава?

Таа посредничка улога на РПЦ сеуште останува како можност и веројатно кога ќе биде договорена идната средба на разговори меѓу двете цркви можно е да биде поканет евентуално претставник и на РПЦ на тие разговори или на некоја од натамошните средби.

Може ли да се зборува со датуми во смисла на некаков начелен период кога може да отпочнат разговори?

Моментно нема посебна иницијатива, но се разбира ние очекуваме, кога ќе се јави таа иницијатива, тогаш и ќе се ажурира.

Во меѓувреме расчинетиот поранешен владика Зоран Вранишковски, продолжува, на некој начин, барем пропагандно да дејствува во Македонија, за промовирање на обидите за инсталирање на т.н. Охридска архиепископија. Колку е реален неговиот капацитет за тоа?

Охридската архиепископија не може да ја присвојува никој во Република Македонија, зашто е јасно и дека и во преамбулата на Уставот на МПЦ стои дека е таа црква на македонскиот народ и егзистирала токму на овие простори со седиште во Охрид. Охрид припаѓа на Македонија и Охридската архиепископија е всушност МПЦ. Така што, тие работи што ги споменавте, за можност за паралелна црква не доаѓа предвид, од причини што и самиот народ такво нешто не припаѓа. И покрај сите усилби и сплотеност на најекстремните непријателски сили на македонскиот народ и МПЦ, па и на македонската држава со тоа прашање со поддржувањето на овој наш несреќник и расколник, Јован, поранешен владика, и ние конечно можеме слободно да речеме дека тоа прашање не може да направи ништо што би било катастрофално штетно за МПЦ, но секако останува како проблем, рана со која се гледа дека работи за конструирање на измислена паралелна органзиација што би требало да ја предизвика МПЦ да се повлече од своите ставови, за што длабоко веруваме дека МПЦ ќе остане доследна на своите ставови и ќе бара дозволени начини и средства да се реализира она што и припаѓа на МПЦ.

Поддршка на напорите на МПЦ беше манифестирана и од страна на претседателот во 2004 година, кој организираше средби со претставниците на најголемите цркви во Република Македонија. Сметате ли дека има простор за мешање на политиката во работата на црквата. Бидејќи според некои принципи, црквата и државата треба да бидат одвоени?

Мора овде нешто да конкретизираме. Имено, кога станува збор за заеднички цели и интереси на црквата и државата, тие заеднички цели и интереси ние ги поддржуваме и државата ги поддржува. Но, кога станува збор за чисто државни работи и чисто политички работи, тогаш ниту ние сакаме да се мешаме во политиката, ниту сакаме државата да се меша во црковните работи. Нормално е дека се добро познати сите заеднички цели и интереси на државата и црквата по тоа прашање и лично мислам дека е подобро да биде црквата одвоена од државата, за да нема можност од целосно влијание на едната врз другата и обратно. Но, секако она што е заеднички интерес, заради единството на народот и општеството, и ние го поддржуваме тоа, но од друга страна поддржано е и од самата политичка моќ, како случајот со изгласувањето Резолуција од страна на Собраниет, за поткрепа на МПЦ и нејзината афтокефалност. Бидејќи со тоа се докажа дека и тие не сакаат да има поделби и раскол во МПЦ што длабоко би се рефлектирало и во целото опшетство, зашто тогаш би направиле и поделба во врска со единството на народот во Република Македонија и пошироко во дијаспората.
XS
SM
MD
LG