Достапни линкови

Хуманитарните организации восхитени од поддршката за настраданите во цунами катастрофата


Хуманитарните организации се восхитени од огромниот поддршка што ја добиваат за настраданите од цунами катастрофата во Јужна Азија. Додека владите ветија над две милијарди, приватните групи и индивидуалците понудија дополнителни милиони долари. Сето тоа со право може да се нарече за најголема хуманитарна акција во човековата историја. Но, што лежи зад таквата дарежливост на луѓето.

Меѓународната хуманитарна организација ,,Лекари без граници,, соопшти дека за осум дена собрала повеќе од пеесет милиони долари помош за настраданите од цунамито во Јужна Азија. Спротивно на тоа, неодамна од оваа организација беше изјавено дека за помош на бегалците во регионот Дарфур во Судан за два месеца успеле да соберат помалку од милион долари. Хуманитарните организации во светот велат дека симпатиите и доларите што го следат цунамите се без преседан во досегашната историја. Габриел Фабер Винер, портпаролка на Лекари без граници вели дека тоа е резултат од фактот што цунамито погоди многу добро познати туристички места на крајбрежјото на Индискиот Океан:

„Луѓето се многу загрижени бидејќи има многу од настрадните кои не се од тој регион. Има многу жртви кои ги знаеме или им ги знаеме семејствата. Јас лично познавам тројца или четворица кои се директни жртви на катастрофата. Досега немаше толку настрадани туристи.“

Цунамито уби над сто и пеесет илјади луѓе. Од нив десетина илјади се туристи, повеќето европејци. Професор Тим Ален, експерт од Лондон, вели дека домашните медиуми играат силна улога во приближувањето на трагедијата до европејците.

„Медиумите играат огромна улога. Она што го видовме на телевизиските екрани некако директно не поврза. Трагедијата на многуте евопејци го креираше големото чувство на солидарност.“

Дел од големата дарежливост е во едноставниот факт дека цунамито претставува природна, а не катастрофа создадена од човекот, како на пример војните. Експертите велат дека природните катастрофи секогаш привлекуваат повеќе помош поради општото сознание дека станува збор за невини жртви.

„Лекари без граници имаат строги правила за собирање и за користење на помошта за специфични намени и ние се соочивме со ситуација донациите за цунами жртвите да бидат надминати.“

Вели Фабер Винер која додава дека нејзината организација е зачудена од ваквиот одек кај донаторите. Сега главен предизвик за владите и хуманитарците е како тие средства да бидат ефикасно употребени во погодените подрачја. Од друга страна, тука е и загриженоста дека цунами катастрофата ќе го отргне вниманието на светската јавност од преостанатите хуманитарни трагедии како Дарфур, Авганистан, Ирак, Конго. Колку за пример: Во последната студија на Меѓународниот спасувачки комитет со седиште во Њујорк се потенцира дека само во источниот дел на Конго во последниве шест години, од тамошниот конфликт, умреле четири милиони луѓе и оти стапката на смртност во тој дел на светот продолжува да биде околу триесет илјади луѓе месечно.
XS
SM
MD
LG