Достапни линкови

Три минутно молчење во Европа за жртвите на цунами катастрофата


Европа во овие моменти, со триминутно молчење, им одава почит на над сто и пеесете илјади загинати од цунами катастрофата што пред десетина дена го погоди крајбрежјето на Индискиот Океан. Во меѓувреме координаторот на Обединетите Нации Јан Егеленд оцени дека во напорите за помош на преживеаните во Јужна Азија бил постигнат извонреден напредок во многу тешки услови. Најпогоденото подрачје Банда Ачех во Индонезија денеска го посети американскиот државен секретар Колин Пауел кој изјави дека она што го видел таму не може да се спореди со досега видените природни катастрофи.

Координаторот Јан Егеланд прецизира дека напредокот бил остварен во доставувањето на помошта за луѓето кои се наоѓаат во од цунамито уништените подрачја.

,,Извонредно напредуваме кон повеќето од луѓето во погодените подрачја. Но, притоа се соочуваме со извонредни тешкотии.”

Изјави Егеланд, додавајќи дека проблемите особено биле сериозни во индонезиската провинција Банда Ачех на островот Суматра каде што, како што предупреди, бројот на жртвите може да биде зголемен за уште неколку илјади. Провинцијата Банда Ачех денеска беше посетена од американскиот државен секретар Колин Пауел:

,,Бев во војна и во многу операции за помош на настраданите од урагани и торнада, но никогаш немам видено нешто слично. Сега подобро разбрав што се им и потребно на луѓето за да ја почнат обновата на нивните животи и нивните домови.”

Соопшти државниот секретар Колин Пауел на прес конференцијата по престојот во Банда Ачех во Индонезија, земја во која, според последните информации, имало над деведесет и четири илјади загинати од цунамито. Пауел утре ќе им се приклучи на другите светски лидери на меѓународниот самит во индонезискиот главен град Џакарта посветен на помошта за земјите погодени од катастрофата. Обединетите Нации соопштија дека меѓународната заедница досега понудила помош која изнесува меѓу две и три милијарди долари. Исто така, Соединетите Држави објавија дека ќе го дуплираат бројот на хеликоптерите кои ја играат клучната улога во доставувањето на потребната помош во храна и лекови. Дел од деведесете хеликоптери треба да постават и десетина мобилни болници во регионот. И додека се во тек акциите за помош, УНИЦЕФ предупреди дека токму под превезот на хуманитарноста имало случаи на трговија со деца кои поради катастриофата останале без родители или моментално биле раздвоени од нив. Станува збор за луѓе кои лажно се претставувале како хуманитарци и кои децата ги продавале во Малезија. Од сто и пеесете илјади загинати во цунамито најмалку една третина биле деца. Се страхува дека тој број би можело да се зголеми со оглед на тоа што тие се први на удар во ситуација на недостиг на вода за пиење и храна. Инаку, во катастрофата во Јужна Азија загинале или се водат како исчезнати повеќе од десет илјади странски туристи, повеќето европејци. Најмногу од нив, околу две илјади, швеѓани.
XS
SM
MD
LG