Достапни линкови

Свет: Светот ја пречека новата 2005 година


Речиси милион луѓе ја пречекаа Новата 2005 година на Тајмс сквер во Њујорк. Пречекот на Новата година на Тајмс сквер почна со едноминутно молчење за жртвите во цунами брановите во Азија. Во другите поголеми градови во САД, Новата година беше пречекана на главните градски плоштади. Главен настан беше традиционалната новогодишна парада во Пасадена, Калифорнија, каде се појави робот од 30 метри, што го направија експерти за мотори на млазен погон при лабораторија на Амеирканската агенција за вселенски истражувања (НАСА). Во повеќето азиски земји погодени со земјотресот и брановите цунами минатиот викенд, немаше свечен пречек на Новата година, туку се одржаа масовни молитви за 135 илјади жртви. Во Малезија и на Брунеи властите ја забранија прославата на Новата година поради трагедијата во југоисточна Азија. Во Индија, каде имаше околу 10.000 жртви во брановите цунами, како и во Тајланд, Новата година е пречекана без вообичаената веселба. Во знак на солидарност за настраданите во катастрофата, жителите на Австралија одлучија скромно да ја пречекаат Новата 2005 година, со цел парите да ги вложат на сметките на организациите задолжени за хуманитарна помош за југоисточна Азија. Повеќе од 620.000 луѓе излегоа на улиците на Виена за да ја пречекаат Новата година, што се одржа во сенка на неодамнешниот земјотрес во Азија. Новата година во Берлин повеќе стотици илјади луѓе ја пречекаа со традиционален огномет кај Бранденбуршката порта. Традиционалниот Новогодишен концерт, што се одржа на плоштадот Квиринале во Рим беше посветен на жртвите во Азија, а прославата помина скромно. Жителите на Москва масовно да пречекаа Новата 2005 година на централните плоштади во руската престолнина со музичка програма и огномет. Пречекот на Новата година во Москва беше организиран со засилени мерки на безбедност. Новата 2005 година неколку илјади граѓани на Белград и на словенечката престолнина Љубљана ја пречекаа со музичка програма и огномет на градските плоштади.
XS
SM
MD
LG