Достапни линкови

logo-print

Тие што треба да ги спроведат реформите немаат интерес


Македонија нема да излезе од постојната економска криза затоа што оние политички структури кои треба да ги спроведат реформите немаат интерес тоа да го сторат, тврди професорот од Економскиот институт Благоја Наневски:

„Кај нас сеуште немаме силна волја за промени. Отсуството на силна волја за промени и причината зошто реформите ни се бавни.“

Немањето волја, се должи на фактот што ако нешто се измени, па макар тоа било и на подобро, многу е реално да се случи, тие што ќе ги спроведат реформите и директно да си ги загрозат личните интереси, објаснува Наневски:

„Тука треба да се лоцираат проблемите кај оние групи кои се зад сцената, а кои фактички ја водат државата. Кај тие групи не постои волја за промена. Е сега, зотшо не постои волја за промена? Одговор е дека, нивните интереси се загрозени.“

Моменталната ситуација во која се наоѓа Македонија е статус кво, каде единствено добро живее одредена група на политички и бизнис елити. Сите други кои чекаат на промени кон подобро, а не се способни да ги предизвикаат реформите, преживуваат, вели Наневски:

„Тоа е желба да се остане статус кво, за да се ќари на ситно. Ние сме фактички во состојба која значи назадување.“

Економскиот развој што го остварува Македонија не генерира никакви благодети за граѓаните на државата:

„Стапката на растот на БДП е околу 2 насто, со 2 насто сме далеку од стапката од осум насто. А, тоа е раст што некои земји од опкружувањето го остварија.“

Неизвесноста продолжува во 2005 година. Остануваат отворени прашањата, ќе има ли промена во курсот на денарот? Што ќе стане со стапката на инфлација? Дали ќе пораснат каматните стапки на кредитите? Дали ќе се донесе новиот закон за работни односи, кој предвидува намалување на работничките права? Се зависи од оние кои имаат моќ да ги спроведат реформите во државата.
XS
SM
MD
LG