Достапни линкови

За опозицијата недостига развојна компонента


Предложениот буџет за 2005 година не содржи развојна компонента, реагираат пратениците од опозициските партии. Тие посочуваат дека со ваков буџет може да се очекува дека наредната година ќе биде само полоша од 2004-тата:

„Сметаме дека буџетот не е ништо поразличен од ланскиот, што значи, нема развојна компонента. Состојбата останува статус кво. Приходите се тие, исто како и лани, расходната страна исто така, значи дефицит имаме и понатаму, меѓутоа сето тоа се показатели што не ветуваат многу, така што се очекува година како што беше и претходната, ако не и полоша,“

изјави Жарко Караџовски од крилото на Љубчо Георгиевски во ВМРО-ДПМНЕ, кој додава дека е неопходно да се интервенира во насока на зголемување на капиталните инвестиции. Од ДПА пак забележуваат што не се предвидени средства за Штуловиот и Тетовскиот универзитет. Тие посочуваат и дека владата не предвидела средства за имплементација на Рамковниот договор, во делот што подразбира праведна и соодветна застапеност на припадниците на заедниците:

„Во 2005 година не се предвидени воопшто средства за нови вработувања, така што осануваме во бројот на местата каде што имаме вработени. Евентуално ако некој оди во пензија или умре, тогаш тие места би се пополниле. Сигурно дека не можеме да се сложиме. Муса Џафери, кој е одговорен за спроведување на Рамковниот договор, поточно за делот на застапеноста на Албанците, ветува дека ќе вработи Албанци во 2005 година со овој буџет, се потврдува дека само го лажел народот,“

вели Илијаз Халими од ДПА.

Во СДСМ сметаат дека развојната компонтента на буџетот е предвидена согласно со можностите на земјава. Оттаму најавуваат дека при ребалансот на буџетот за 2005 година развојната компонента ќе биде позастапена:

„Реформите коишто престојат, очекувам дека ќе даде доста карактеристики за да стапките се променат со ребалансот што ќе му даде уште поголема развојна компонента, отколку ова сега,“

изјави Зоран Заев од СДСМ.
XS
SM
MD
LG