Достапни линкови

logo-print

Барање за ослободување на уапсените во саботната акција на МВР


Студентската организација на фармацевтскиот и медицинскиот факултет од Тетовскиот Универзитет во знак на протест на полициската акција од петокот, кога во престрелка со вооружена група беше убиено едно лице, а двајца беа уапсени, го блокираат магистралниот пат Скопје – Тетово. Тие бараат ослободување на двете уапсени лица кои се редовни студенти на нелегалниот медицински факултет во Тетово:

„Целта е што побрзо ослободување на нашите двајца колеги и да се објасни зошто се случи и како се случи тоа што се случи,“

вели Сулејмани од студентскиот одбор на Медицинскиот факултет. Во МВР стојат на тврдењето дека се работи за вооружена група за која постоеле сознанија дека е криминална и дека таму се криело и лицето Лирим Јакупи, по кој имало распишано и меѓународна потерница.

„Полицијата по претходно добиени сознанија се упати да го уапси Јакупи. Таму од негова страна и од страна на тие што беа со него беше отворен оган кон полицајците и беше возвратено на оганот и за жал едно лице го загуби животот. При вештачењето се покажа дека лицето коешто го загуби животот всушност и пукало од огнено оружје, односно тоа беше докажано, преку Парафинска ракавица,“

вели портпаролот на МВР Горан Павловски.

Студентот Сулејмани ги отврла тврдењата на МВР дека нивните колеги имале врска со криминални структури:

„Апсолутно е така затоа што нашите колеги беа добри студенти, учеа и немаат врска со организираниот криминал и такви работи.“

МВР потврди дека уапсените лица се студенти на Тетовскиот универзитет и дека заедно со загинатите сите се странски државјани со нерегулиран престој во Македонија:

„Веќе се поднесени кривични пријави за напад на службени лица и недозволено држење оружје и распрскувачки материи. Тие се студенти на медицинскиот факултет. Меѓутоа, исто така утврдивме дека трите лица немаат регулирано престој во Република Македонија. Сите се странски државјани коишто на нелегален начин престојувале во државата.“

Лицето Лирим Јакупи по кого трагаше македонската полиција во саботата беше уапсен од страна на УНМИК во Приштина.
XS
SM
MD
LG