Достапни линкови

15,000 загинати, најнов, но не и конечен биланс на жртви


Петнаесет илјади загинати, е најновиот, но и како што се страхува, не и конечен биланс од големите бранови што вчера ги погодија бреговите на неколку земји на Индискиот Океан. Брановите познати како цунами беа предизвикани од најсилниот земјотрес што ја погоди Планетава во изминатите четириесет години. Во епицентарот на потресот, на морското дно во близина на индонезискиот остров Суматра, според последните податоци, биле измерени девет степени според Рихтеровата скала.

Најмногу жртви од цунамито има во Индија, Шри Ланка, Индонезија, Тајланд, Малдиви, Бурма и Малезија. Илјадници се уште се водат како исчезнати, а над милион луѓе останаа без покрив на главата. Во тек се големи меѓународни напори за згрижување на луѓето во областите кои се уништени од вчерашната катастрофа. Таму веќе пристигнуваат хуманитарни екипи од целиот свет. Меѓународниот Црвен Крст апелираше на итна помош од околу шест ипол милиони долари. Европската Унија веднаш соопшти дека како прва помош ќе даде околу четири милиони евра, додека Соединетите Држави понудија огромна помош во најнеопходното. Големиот број жртви од цунамито, според експертите, било последица од тоа што во земјите во тој регион, за разлика од оние на Тихиот Океан, не постои систем на предупредување, можеби и поради тоа што ваквите големи бранови таму се многу ретки.

„Бранот дојде и се беше однесено. Беше само еден не многу висок бран, и тоа зачудува.“

Изјави еден од жителите на Коломбо, главниот град на Шри Ланка. Ваквите бранови се предизвикани од потрестите на дното на морињата, а вчерашната катастрофа ја предизвика земјотресот во близина на Суматра. Станува збор за судар на две геолошки плочи при што се создало возвишување на дното во висина од десетина метри и во должина од илјада и двесте километри. Силата на земјотресот, се споредува со силата на милион атомски бомби што беа фрлени врз Јапонија за време на втората светска војна. Земјотресот, покрај вчершната трагедија, според некои експерти би можело да има влијание и врз ротацијата на Планетва, но засега тоа не е докажано. Целата планета вибрира, а ова е уште еден доказ колку луѓето се немоќни пред нејзините сили, вели шефот на италијанскиот национален институт за геофизика Енцо Боски.
XS
SM
MD
LG