Достапни линкови

Минчо Јорданов, вице премиер за економски прашања. На Македонија и е потребна стратегија за раст


Стручната јавност во земјава се повеќе говори дека е потребна девалвација на денарот, а од друга страна пак Министерот за финансии ги отфрла овие најави. Вие, како стопанственик, јавноста доби впечаток дека стоите зад тоа да има девалвација на денарот. Сега сте вице премиер за економија. Какви се вашите планови? Сметате ли дека ова е потребно?

Прво, да кажам дека и стручната јавност и јас како стопанственик поимот девалвација не го поставува така дека треба да ја направиме и во владата ние разговараме не за девалвација, туку неа ја гледаме како лоша последица ако не водиме, умна, промислена, економска политика. Значи, тоа е исто, како кога лечите еден пациент и на крајот ќе ви кажат дека нема друго, туку треба да се направи операција. Значи, девалвацијата е операција и ние сметаме дека имаме доволни капацитети да преземеме такви мерки да избегнеме девалвација, но ќе водиме умна политика што ќе придонесе, во Македонија да се донесат системски мерки во минимален временски период, за да макроекономската и фискална стабилност, со умни пазарни мерки ја преведеме во стратегија на развој. Значи, да овозоможиме развој. Ние сме сигурни дека ќе ја избегнеме таа мерка. Таа мерка не се разгледува ниту во владини, ниту во експертски кругови, сите се до констатација дека треба да се преземат вообичаени мерки на една полабава монетарна и фискална политика којашто нема да ја наруши ценовната стабилност, туку ќе овозможи издржлив и потребен развој на македонското стопанство, за да дојдеме до стандардите на ЕУ, кон којашто сите се стремиме. Ако ние на економски план не ги остваруваме, а за жал овие неколку години не ги остваривме тие неколку атрибути на раст, вработување, намалување на трговискиот дефицит, коишто може да се решат само со овој начин, со стратегија на раст, за којашто ние во владата дефинираме мерки и динамика како тоа да го оствариме.

Споменавте преземање мерки и развојна стратегија. Кои мерки спаѓаат?

Една од мерките што ја зборував и што спаѓа во структурните реформи е да продолжиме во поинтензивен настап во структурна подернизација и стабилизација на финансиските пазари. Тоа може да го постигнеме ако постигнеме поголема конкурентност и ако со измени во законодавството овозможиме поголема сигурност на кредитодавачите и поголема одговорност на кредитоземачите. Судската ефикасност денеска не ги штити кредитодавачите и сето тоа е влезено во цената на капиталот, а со скапи пари многу тешко се одржува постојно ниво на производство, и многу тешко се наоѓаат такви коишто може да ја издржат таква цена на капиталот од 10 – 12 насто.

Дали во сите тие мерки во догледно време значи дека нема да има девалвација?

Апсолутно, девалвацијата е како што ви кажав операција што треба да ја извршиме. Ние имаме намера македонското стопанство да почнеме да го корегираме со директно учество на самото стопанство. Значи, мерките ќе одат кон тоа да се направат такви промени во амбиентот да македонското стопанство ги прифати тие мерки коишто значат преминување од оваа стабилност и од ова ниско ниво на БДП. Нашата стабилизација е извршена на премногу ниско ниво. Значи, нам сега ни требаат пари да се подигне степенот на искористеноста на националните ресурси. Стабилизација на ова ниво од 4 милијарди БДП е недоволна, за да се покачиме на повисоко ниво нам ќе ни требаат пари и за тоа ние ќе преземеме мерки да ги обезбедиме тие ресурси и цената на тие ресурси да биде прифатлива за македонското стопанство, да тоа тргне во зголемено производство и во нови инвестиции.

Што ќе се прави на полето на странски инвестиции. На кој начин би се привлекле и можно ли е да очекуваме поголеми странски инвестиции во 2005 година?

2005 е многу важна не само за странските директни инвестиции туку и за домашните македонски инвестиции. Странските инвестиции го имаат сето поведение на капиталот. Тие не сакаат несигурни политички состојби како што објективно беа кај нас. Тие исто така го мерат ризикот со профитабилноста. Ние нудевме и висок политички ризик и мал економски ефект. Затоа што тој странски капитал во однос на профитот е како јастреб. Значи, тој мора да најде баланс меѓу политичкиот ризик и економските ефекти: Ние за жал нудевме мали економски ефекти, а голем политички ризик.

Сметате ли дека тоа ќе се најде во 2005 година?

Во секој случај ние ќе ги отвориме тие процеси суштествено. Значи, за нас не е неважно времето, ама поважни се процесите што ќе треба да ги направиме за да тие видат и поголема сиурност и поголема економска сигурност за инвестирањето во Македонија.

Неодамна најавивте дека во Македонија ќе има ефтини пари или кредити со ниски каматни стапки? Како би се реализирало тоа со оглед на тоа дека НБМ го одржува стабилен курсот на денарот со повлекување на вишокот парични средства?

Објективно тие мерки НБМ не се придонес на македонското стопанство. НБМ гледа на секој начин да ја задржи макроекономската стабилност. Но, политиката на владата ќе биде да заговара развој. НБМ бранејќи ги принципите на макроекономска стабилност мора да обраќа внимание и на економската политика којашто владата ја предлага. И во принцип таа и ја поддржува.

Дали тоа значи дека во наредната година ќе може да има кредити со помали каматни стапки?

Каматните стапки не се прашање на добра волја на владата и на банката или на банките. Каматните стапки ќе тргнат по природен пат да се намалуваат, ако сигурноста на тие кредити, е посигурно отколку досега. И тие банки ќе го кредитираат стопанството ако гледаат помал ризик. НБМ ќе ги продолжи мерките на одржување на маркоекономската стабилност, но мерките што ние ќе ги преземеме ќе овозможат да по економски пазарен пат парите ги направиме поефтини.

Дали тоа конечно ќе се случи?

Ние тоа треба да го направиме во 2005.

Аналитичарите посочуваат дека во преговорите со ММФ владата напросто ги прифаќа голем дел од условите или параметрите коишто ги поставува ММФ, каква ќе биде во иднина политиката на владата со ММФ?

Прво, таа политика секогаш се определувала и сега ќе се определи како став на владата. Сметаме дека ММФ, ја заговараше оваа политика за да обезбеди тоа што пред десетина години беше сериозен проблем, една висока стапка на инфлација, меѓутоа, сега на ММФ, ќе треба да му објасниме дека постигнатата стабилност, огромната монетарна и фискална дисциплина којашто ја покажавме ќе значи дека во иднина ќе сакаме да ја прилагодиме така да ни овозможи економски раст. Се надевам дека ММФ ќе ги прифати тие наши аргументи, затоа што аргументите за тоа се да почнеме да го решаваме тоа што е една од основните задачи на ММФ, а тоа е борбата против нискиот раст и сиромаштијата, а тоа може да се оствари само со стратегија за раст.

Еден од проблемите во земјава е и високата стапка на невработеност. Како владата ќе се справува со овој проблем. Ќе има ли мерки на краток рок?

Невработеноста всушност не е проблем. Тоа е последица на една политика на макоекономска стабилност, со низок раст. Последиците се директно тоа, висока стапка на невработеност. Високата стапка на невработеност при отустуство на раст. Тоа ќе биде и нашиот главен аргумент со ММФ да обезбедиме средства за поголем раст.
XS
SM
MD
LG