Достапни линкови

Во политиката можни и невозможните конструкции


Несомнено е дека со одлуката на Уставниот суд со која се враќа правото на пратеникот да ја смени политичката партија без да го изгуби мандатот, што значи да преминува од една партија во друга, во текот на еден мандат отвора простор оваа појава повторно да се актуелизира, смета Панде Лазаревски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Тој вели дека во политиката секогаш се можни појавите на промени на партиите, купување на гласови, луѓе. Кога станува збор за гласање за личност, можен е трансфер, но кога граѓаните гласаат за листа, тоа значи дека тие се определиле за партија и во тој случај тие не треба да ја менуваат партијата:

„Прашањето е принципиелно. Зошто воопшто се прават вакви невозможни конструкции со овозможување на трансфер на пратеници кои се избрани на една листа, а во текот на мандатот да може да ја изиграат довербата на гласачите.“

Жарко Караџоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од крилото на Љубчо Георгиевски, кој пак како што вели по стапувањето на одлуката на Уставниот суд ќе биде пратеник на пратеничката група на ВМРО-Народна, смета дека дали ќе се практикува промена на партијата во текот на еден мандат ќе зависи од повеќе причини:

„Тоа се зависи од убедувањето на пратеникот во дадени моменти. Од самата политичка партија која го предложила, се поставува прашањето колку таа партија опстојува на програмата на која влегла во парламентот,“

изјави Караџоски, кој додава дека првично пратеничката група на ВМРО-Народна ќе брои 14 пратеници. За тоа како гледаат на одлуката на Уставниот суд и дали таа отвора простор за нови трансфери Борис Кондарко од СДСМ вели:

„Тоа е одлука во морален дел од страна на самите пратеници, граѓаните тоа добро ќе го водат и проценат. Понатаму не би коментирале, затоа што според правните обичаи и правната пракса, судските одлуки, посебно на највисокиот судски орган не се коментираат.“

Во 2000 година карактеристика на парламентот беа токму пратеничките трансфери. Во тој период токму дел пратениците на ВМРО ДПМНЕ преминаа во новоформираната ВМРО-Вистинска, потоа и Македонска, а дел од пратениците од ДА, преминаа во Нова Демократија, а дел продолжија да делуваат како независни пратеници.
XS
SM
MD
LG