Достапни линкови

Истрагата за малверзациите со програмата нафта за храна фрли дамка врз работата на ОН


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан оцени дека истрагата за можните малверзации со ирачката програма нафта за храна фрли дамка врз работата на Обединетите Нации. Независната комисија, што ја предводи Пол Волкер, во наредниот месец треба да го објави извештајот за ова прашање. Анан исто така изрази загриженост за растечкото насилство во Ирак истакнувајки дека сепак продолжуваат и подготовките за изборите.

Кофи Анан изрази надеж дека истрагата за малверзации со програмата нафта за храна за Ирак ќе ги отстрани сомневањата за корупција во Обединетите Нации.

„Нашата глобална мисија напредува на многу фронтови. Но обвинувањата за програмата нафта за храна фрлија сенка врз хуманитарната акција за помош на ирачаните. Мора да ја откриеме вистината. “

Комисијата, предводена од Пол Волкер доби мандат од Обединетите Нации да го испита случајот и првичниот извештај се очекува кон крајот на наредниот месец. Американската конгресна комисија оцени дека поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин со помош на таа програма прноневерил над 20 милијарди долари. Анан на прес конференцијата во Њујорк оцени дека и покрај постојаните насилства во Ирак, продолжуваат техничките подготовки за изборите кои треба да се одржат на крајот од јануари.

„Политичкиот и безбедносниот контекст се важни и ние внимателно ја следиме ситуацијата. Но одлуката дали ќе се одржат изборите треба да ја донесат ирачаните.“

Тој исто така ги отфрли сомневањата дека насилствата можат да доведат до поделба на Ирак. Инаку, во последниот од серијата бомбашки напади во Ирак, најмалку 22 лица, меѓу кои и 15-мина американски војници загинале, а 66 биле повредени во вчерашниот напад врз американската база во градот Мосул, соопшти американската команда. Американскиот претседател Џорџ Буш изрази сочуство до семејствата на загинатите во нападот, кој е еден од најсмртоносните од американската инвазија во 2003-та година.

„Убеден сум дека демократијата ќе надвладее во Ирак. Знам дека слободен Ирак ќе значи и помирољубив свет. Господ да ги благослови сите оние што се вклучени во таа мисија.“

Одговорноста за нападот во Мосул ја превзеде милитантната група Ансар Ал Суна.
XS
SM
MD
LG