Достапни линкови

Измена на законот за ДДВ, министерот за финансии против


Во 2005, на граѓаните да им се врати 15 насто од ДДВ-то, пресметано од фискалните сметки, ова се измените на законот што ги предлага пратеникот на владеачкиот СДСМ, пост дипломецот по финансии Зоран Заев, кој ја има поддршката на колегите од собранието. Заев вели дека доколку се прифатат измените на законот за ДДВ, државата ќе има повеќекратна добивка, ќе се подигнат ефектите од фискализацијата и Ќе се намали даночната евазија:

,,Секој граѓанин ќе бара фискална сметка. Значи, продавачите на мало ќе мора да издаваат фискални сметки. Проблемите на државата потекнуваат од даночната евазија, значи проблемот е токму на граничните премини и на фабричките кругови, од каде што излегува таа стока. Е сега, ако тие немаат каде да ја продаваат таа стока, тоа значи дека ќе мора данокот да го прикажат. Тоа значи намалување во огромен процент на сегашната даночна евазија на ДДВ-то, што според мене е 50 насто, јас мислам дека и лаик ќе види дека во буџетот ќе влезат повеќе пари отколку што ќе треба да им се врати на граѓаните, од што се плаши министерството за финансии."

Министерот за финансии Никола Поповски тврди, дека иако идејата не е толку лоша, владата не може да ги прифати измените на законот, зашто однапред одземаат 15 насто, што се огромни приходи од буџетот.

,,Удар на буџетот од неколку милијарди ниту една влада во светот не би прифатила затоа што е многу ризичен потег. Ќе се доведат во прашање многу функции на државата. Законот има механизам за враќање на парите, а нема механизам за сигурно зголемување на приливите. Точната бројка е околу четири милијарди одлив од буџетот. Тоа е скоро седум насто од вкупниот буџет."

Со ваквото тврдење на министерот не се согласува Заев, кој вели дека ова образложение не ја зема предвид даночната евазија или пак вели тој се штити бизнис олигархија.

,,Даночната евазија е најголема кај големите фирми. Ние денеска имаме бизнис олигархија, и често ни се случува газдата да купи нова фирма. Зошто неговата фирма не ја купи новата фирма? Значи, парите се извадени од каналот каде што државата има контрола. Генерално тоа значи дека се избегнати давачките кон државата."

Ова е прв пат пратеници на владеачка партија да предлагаат измени на закон кои немаат поддршка од министер од истата партија. Пратеникот Заев се надева дека законот ќе биде изгласан.
XS
SM
MD
LG