Достапни линкови

Без нови идеи и промени


Втората администрација на американскиот претседател Џорџ Буш ќе има неколку нови лица, но не и нови идеи. Таков е заклучокот на аналитичарите во врска со одлуката на Буш да смени повеќе од половина од секретарите во неговиот петнаесетчлен кабинет. Меѓу нив и државниот секретар Колин Пауел, државниот обвинител Џон Ешкрофт и секретарот за домашна безбедност Том Риџ.

Ако би можело со еден збор да се дефинира вториот кабинет на Буш, тогаш тој збор е лојалност. Аналитичарите велат дека токму лојалноста била пресудна за одлуката на Буш да смени девет секретари. Патрик Бешам од Кејто Институтот во Вашингтон смета дека новата администрација фундаментално ќе се разликува од претходната. Според него, Буш и неговите главни советници, вклучувајќи ги секретарот за одбарана Доналд Рамсфелд и потпретседателот Дик Чејни, веруваат оти со тоа ќе ги прекинат расправите во јавноста за работата на минатата администрација:

„Имаше дебати за тоа дека првиот претседателски мандат повеќе бил насочен кон надворешната политика.“

Вели Бешам во врска со фактот дека најзначајните промени се токму во Стејт Департментот. Џорџ Буш ја одбра Кондолиза Рајс, својата лојална советничка за национална безбедност, како замена за Колин Пауел кој во изминативе четири години многу пати ги конфронтираше ставовите со Рамсфелд и Чејни. Малкумина веруваат дека Рајс ќе го прави тоа како Пауел кој, на пример аргументираше против инвазијата врз Ирак. Роберт Шпицер е професор по политички науки на Државниот универзитет во Њујорк. Тој вели дека американската админситарција сега се соочува со нерамнотежа во донесувањето одлуки што може да доведе до проблеми, особено во надворешната политика.

„Обидувајќи се да ги избалансира двете вредности, а тоа се: лојални луѓе на врвни позиции и искрена дебата за важни политички прашања, администрацијата на Буш отиде предалеку во истакнувањето на лојалноста.“

Покрај Пауел, друга клучна смена е оставката на државниот обвинител Ешкрофт кој беше критикуван за нарушување на правата на муслиманите и на странците по терористичките напади на единаесети септември две илјади и првата година. Но, од неговиот сукцесор, поранешниот советник на Белата Куќа Алберто Гонзалес, не се очекува да направи големи измени во одделот за правда. Имено, за него се смета дека е премногу конзервативен и премногу лојален на претседателот. Бил Френзел кој две децении беше член на американскиот претставнички дом вели дека е нормално претседателите да си избираат луѓе кои ќе им служат:

„Мислам дека е нормално за претседателот да сака да има многу тесна контрола. Мислам дека тоа би можело да биде разумен метод преку кој претседателот се обидува одделите да работат за него.“

Сепак, промените во кабинетот на Буш се значајни не само според она кој си заминува од него, туку и според она кој останува. Станува збор за секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд кој се соочи со повеќе критики од кој и да било друг секретар, вклучувајќи ги барањата за негова оставка осоебно по серијата скандали со злоставувањето на затворениците во Ирак. Рамсфелд останува на функцијата по барање на Буш.
XS
SM
MD
LG