Достапни линкови

Собранието ја избра новата влада


Во третиот ден македонското собрание успеа да ја изгласа новата влада, на чие чело ќе застане Владо Бучковски. 71 пратеник гласаа ,,за", а 25 пратеници од опозицијата не ја поддржаа новата влада. Во своето завршно обраќање пред пратениците, премиерот Бучковски нагласи дека новата влада ќе реализира низа економски проекти:

,,Ова за што говорам се реални проекти за кои ќе ни треба и поддршка, работиме на таа поддршка. Тоа што е извесно дека ќе почнеме разговори, една од најголемите инвестициони банки УБС, да биде нашиот партнер, ни дава дополнителна гаранција дека ова можеме да го направиме."

Зборувајќи за случајот Кондово премиерот Бучковски истакна дека се согласува и ги поддржува разговорите на народните избраници за решавање на тој проблем:

,,За мене е сосема легитимно инволвирањето на пратеници од парламентот во решавањето на било каква криза, па да е таа и безбедносна. Ако бидат исцрпени сите политички средства мора да функционира правната држава и во конкретниот случај, со такви намери и со такви пораки отидоа и претставниците на ДУИ и на ДПА. Така што, и ние и вие сите да знаат дека овде трпението, толеранцијата, може само да биде добитна комбинација за сите."

Новиот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски Џанго во неговата прва изјава, во својство на прв полицаец, изјави дека Кондово повеќе не смее да се повтори:

,,Кондово не смее да се повтори не од други причини, затоа што пораката што ќе ја испратиме ние од МВР понатаму ќе биде порака до сите, не само за Кондово, туку до сите криминалци во државава. Кажувам за криминал од разни видови. Значи, Кондово би требало да биде последно нешто што се случува во државава за нејзина дестабилизација."

Новиот владин кабинет брои 18 министерства. Единствена новост е воведувањето на вице премиерска функција задолжена за економија. На тоа место ќе застане Минчо Јорданов:

,,Либерализацијата, конкуренцијата ќе може да донесе тоа што ни е една од првите приоритети да ги направиме парите поефтини, како единствен начин да ги привлечеме на оваа основа и странските директни инвестиции и да ги мотивираме македонските домашни инвеститори."

Владо Бучковски на премиерската функција го наследува Хари Костов, кој на 15 ноември поднесе оставка. Бучковски е петти македонски премиер по осамостојувањето на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG