Достапни линкови

Гласање за владата на Владо Бучковски


Трето, и очигледно последно продолжение на собраниската седница на која пратениците ќе гласаат за избор на новата влада. Ова, откако координаторите на пратеничките групи постигнаа договор со претседателот на Собранието Јордановски гласањето да заврши до 13 часот. Според истиот договор, освен веќе пријавените пратеници, на говорницата денеска ќе се појават уште само координаторите на пратеничките групи кои ќе имаат право на говор од 15 минути, по што завршно излагање би требало да има мандатарот Владо Бучковски.

Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ прв се обрати на пратениците, во своето излагање тој изрази сомневање дека мандатарот Бучковски ќе може да ги реализира јавно дадените ветувања:

„Едно нешто треба да се цени кај новиот мандатар, а тоа е неговата енергичност и оптимизам. Само се прашувам дали оптимизмот и желбите се реални. Сведоци сме како минатите влади ги спроведуваа ветувањата дадени од оваа говорница. Значи, не би требало да имаме голем оптимизам. Можеби и ова ќе биде исклучок, ама се сомневам.“

Песимизам изрази и Жарко Караџовски од ВМРО-Народна:

„Оваа влада и по програмата, но и персонално колку да сака да се претстави како реформска, убеден сум дека 2005 ќе биде исто како 2004, ако не и полоша.“

Тој пред пратениците ги повтори и обвинувањата за корупција против екс министерот за транспорт и врски Агрон Буџаку, по што следеше и реакција од пратеникот на ДУИ Хусеин Џевад:

„Господине вие не барајте корупција во ДУИ. Сите финансиски вентили и канали се во рацете на Македонците. Албанецот, да ги има и способностите на еден Дон Корлеоне, ништо не ќе може да стори.“

Инаку, денеска се избира третата влада на СДСМ во овој мандат.
XS
SM
MD
LG