Достапни линкови

Има напредок во разговорите со лицата од Кондово


Има напредок во разговорите со лицата од Кондово за решавање на ситуацијата во селото, но во интерес на преговорите неможам да соопштам детали, изјавува за Радио Слободна Европа, лидерот на Демократската Партија на Албанците, Арбен Џафери кој заедно со претставници од неговата партија, од вчера се наоѓа во селото на средба со вооружените групи, во обид за мирно решение на кризата.

„Има ли напредок во разговорите за решавање на проблемот?
Да, сигурно дека има, но засега ништо неможам да ви кажам, бидејќи на тој начин ќе ги минирам разговорите.“


изјавува Џафери, кој вели дека тој и претставниците на партијата ќе останат во селото се до постигнување на мирно решение на проблемот.

„Па затоа сме тука“.

Независно од преговорите на албанските политички партии со вооружените лица од Кондово, Претседателот на државата Бранко Црвенковски ситуацијата ја оцени ,,како потенцијална опасност за државата,, во која сите политички средства се исцрпени, и потребна е акција. Тој изјави:

„Периодот на политичко влијание, политичко посредување или создавање на политички амбиент, е исцрпен. Она што сега треба да се направи е институциите на државата согласно Уставот и Законите да си ја завршат својата задача.“

На ваквата најава за евентуална акција во Кондово, од Министерството за внатрешни работи изјавуваат:

„Нема промени на состојбата во Кондово, значи таа е идентична како и пред неколку дена. И покрај политичките преговори кои се водат во селото, полицијата е должна да ги врши своите обврски, односно состојбата се набљудува и опсервира и се планира преземање потребни мерки, доколку тоа е потребно.“

вели портпаролот на Министерството за внатрешни Горан Павловски, кој додава дека припадници на МВР се наоѓаат во селото.

„Полицијата се движи низ селото, затоа што мора да го обезбеди водоводот Рашче, тоа се врши секојдневно и без никакви проблеми.“

Инаку, според информациите за наводен лидер на вооружените лица во скопското село Кондово, се посочува извесен Агим Красниќи кого полицијата го гони за неколку кривични дела и Лирим Јакупи од Косово, по кого УНМИК има распишано меѓународна потерница.
XS
SM
MD
LG