Достапни линкови

Денеска седница на собраниската комисија за одбрана и безбедност


Ситуацијата во Кондово статус-кво. Никој сеуште не може да влезе во селото освен жителите од соседните села кои поминуваат низ Кондово. Вооружени лица го контролираат Кондово и само со нивна дозвола може да се влезе во селото. Новинарите немаат пристап веќе подолго време како што немат ниту припадниците на полицијата.

Токму поради ваквата ситуација по барање на опозицијата денеска заседава Собраниската Комисија за Безбедност и Одбрана. Министерот за Внатрешни работи во оставка Сиљан Аврамовски треба да ги информира членовите на оваа комисија за ситуацијата во Кондово, но тој смета дека доверливиот извештај треба да се разгледува зад затворени врати.

Наспроти ваквото мислење на Аврамовски претседателот на собраниската комисја за безбеднот и одбрана Тито Петковски вели дека во извештајот за Кондово кој е долг само две страни нема ништо ново што досега не е објавено во медиумите, па тој побарал да се симне ознаката строго доверливо од полицискиот извештај и тој да се разгледува во присуство на медиумите.

„Не гледам искрено читајќи ја содржината на информацијата дека нешто е од строго доверлив карактер. Не гледам нешто да не е познато на јавноста и затоа не гледам причина седницата да биде затворена. Но, ако министерот инсистира ние ќе го ислушаме на затворена седница, а понатаму расправата нема никаква смисла да биде затворена.“

Од МВР работи пак нема нови информации за ситуацијата во Кондово, ја следиме состојбата вели портпаролот Горан Павловски

„Состојбата во Кондово не е глобална закана за безбедноста на државата. Се работи за поединци чиишто движења полицијата ги следи. Состојбата се следи и ќе се делува како што ќе биде проценето дека треба и во моментите кога ќе се процени дека треба да се делува.“

Во дел од извештајот кој треба да им биде презентират на пратениците се посочува дека вооружените лица во Кондово се поранешни припадници на ОНА а меѓу нив има и лица од Косово и јужна Србија. Спред извештајот тие се засолнети во Кондово, каде во самоодбрана се кријат поради убиства, грабежи, тероризирање и рекетирање. Инаку како водачи на оваа група се посочуваат Агим Красниќи жител на кондово и поранешен припадник на ОНА и Лирим Јакупи од Бујановац, кого УНМИК го бара поради тероризам.
XS
SM
MD
LG