Достапни линкови

Владата го „купува“ социјалниот мир и ништо не презема


Во Македонија 200 илјади лица работат на црно, вели статистиката. И што е најлошо овој број многу лесно може да се зголемува и понатаму. Аргументот за ваквата констатација го изнесуваат од синдикатот, каде велат владата свесно не се бори против оваа појава од едноставна причина што на овој начин го купува социјалниот мир во државата:

„Го купуваат социјалниот мир, бидејќи работодавачите ја уценуваат власта, дека ако прави контроли, ќе ги отпуштат тие вработени, па ќе ви доаѓаат да ви протестираат. Значи, купувањето на социјалниот мир, исто како што е сивата економија, шверцот на ситно итн.“

вели Пеце Ристевски претседател на гранков синдикат во ССМ. Официјално од владата велат дека прават напори да се справат со огромната бројка на работници кои работат на црно, но нивниот коментар е, тешко оди. Газдиде кај кои работат овие лица молчат бидејќи никој ништо не им прави. И лицата кои работат на црно молчат, се плашат и тоа што го добиваат да не го загубат, а од синдикатот кој е повикан да ги заштитува правата на работниците велат, ако реагираме и тие што работат и земаат по некој денар ќе останат на улица.


„Сигурно ќе ги избркаат. Добро е да се каже, ама ќе им направиш беља на луѓето што обезбедиле барем некаква егзистенција.“

вели Ангелко Ангелковски претседател на гранковиот синдикат на текстилната индустрија. Високиот степен на сиромаштија, малиот број работни места, големиот број лица без работа се главните фактори што создаваат плодна почва за зголемување на бројот на лицата кој работат на црно:

„Сиромаштијата ги тера луѓето да работат под секакви услови, а трудивата инспекција не реагира.“

И додека работата на црно во државата не е случај туку систем, во Македонија се случуваат парадоксални ситуации, човек фирма што значи со еден вработен гради зграда од шест ката:

„Човек фирма гради згради и објекти, за да го направи тоа му требаат минимум 50-60 луѓе.“

Најголем број од лицата кој работат на црно се регистрирани во текстилната индустрија, трговијата угостителството и градежништвото:

„Нема трудови инспектори. Вие велите дека има 40,000 вишок работници во државната администрација, па секаде каде што имате правници само една мала едукација и пушти ги место да лежат, да седат, ама не се сака затоа што се купува социјалниот мир.“

Во тек е подготовка на нов закон за работни односи . Стариот велат, не бил добар премногу ги штител прават на работниците.
XS
SM
MD
LG