Достапни линкови

Хонгвеј Гао, претставник на УНИЦЕФ во Македонија. Сонувам за денот кога во Македонија секое дете ќе може да ги ужива сите права


Госпоѓа Гао, неодамна УНИЦЕФ објави извештај за состојбата на децата во региoнов. Можете ли поконкретно да ни објасните за што станува збор?

Да, годинава УНИЦЕФ го промовираше Општествениот Монитор, тоа е регионален извештај за состојбата на децата во 27 транзициони земји од регионот, што ги вклучува и земјите од источна европа и поранешниот Советски Сојуз. Овој извештај има многу податоци, но ако мене ме прашате кој податок го сметам за најважен во овој извештај, ќе го кажам следното дека: економскиот развој во земјите не секогаш оди заедно со иницијативи кои што се насочени кон добробит на децата. Да кажам нешто повеќе за сиромаштијата на децата во овој регион? Многу земји од регионов, имаат забележано побрз или поспор развој во областа на економијата, но скоро во сите нив нема подобрување на состојбата на децата. За УНИЦЕФ сиромаштијата треба да се гледа од повеќе димензии. Според нас, се разбира, дека ниските семејни приходи се индикатор за сиромаштија но, исто така сиромаштија е ако децата имаат слабо здравје или лоша исхрана. Сиромаштија е исто така, ако децата не одат на училиште, бидејќи неможат да си дозволат соодветна облека, учебници, па дури и превоз. Сето ова се однесува на моментот, кога децата го напуштаат училиштето и почнуват да работат. Ние веруваме дека сиромаштијата неможе да се искорени доколку не се согледаат сите овие аспекти.

Какво е влијанието на економската состојба во земјава врз развојот на децата?

За намалување на сиромаштијата, мора да се нагласи дека потрошените средства за потребите на децата во една земја, треба да биде поголем. Така во Македонија за здравството се издвојува само 5% , а за образованието дури и помалку 3, 7% од вкупниот домашен производ, што според нас е многу ниско.
Во Македонија според нашите податоци, 22, 6% од населението живее под линијата на сиромаштија, а тоа со други зборови значи дека 22, 6% од сите деца во Македонија живеат во таква состојба. Затоа јас би сакала да повикам за поголемо вложување од страна на државава, во развојот на социјалните области, особено во развојот на децата.

Според извештајот, каде е Македонија во регионот на полето на грижа и развој на децата?

Морам да дополнам, дека овој извештај исто така опфаќа и земји од Централна Азија и југо-источна Европа. Во оваа насока, сметам дека не би требало да ја споредуваме Македонија со земјите од Централна Азија, туку со земјите од нејзиното соседство, како што се Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина. Морам да потенцирам, дека има области во кои дури и овие две земји подобро се однесуваат кон децата и нивниот развој, отколку во Македонија.

Од ова што ни го презентиравте, може ли да се каже дека во Македонија состојбата е алармантна? Што треба да се преземе?

Сигурно дека може да се направи многу повеќе за развојот на децата. Значи нема крај, нема завршеток во „правењето добро“ во смисла на развојот на децата. Пред се сметам дека најважна е политичката заложба. Ако има политичка заложба на врвот од државата тогаш работите можат да се развиваат, понатаму, ако постои соработка мегу сите сектори, ако детските теми се приоритет во работата на владините и невладините институции, и конечно ако постои мобилизација на целото општество од најдолниот до најгорниот степен на одговорност, вклучувајќи ги и семејствата. Само тогаш може да се направи и да се постигне многу за развојот на децата во Макеоднија, што секако е потребно.

Споменавте дека лошата економска ситуација се одразува на здравствениот и образовниот развој на децата? Може ли да ни ги презентирате податоците за состојбата на овој план во Македонија?

Прво морам да кажам дека не постои многу добра статистика што го мери социјалниот развој, не само во Макеодонија туку и во останатите земји. Значи, споредбено гледано во Македонија имаме добар опфат на децата во основно образование од 97%. Но, има деца кои го напуштаат школувањето во текот на првите години од образованието. Во просек тоа е ниско и изнесува 2% но ако се погледне повнимателно во различни етничко-социјални групи, ќе се види дека кај ромските и турските деца процентот се качува дури до десет насто. Ако погледнеме пак, во бројката на податоци за средно образование, ќе видиме дека бројката е многу пониска, односно 69% од децата се запишуваат во средно образование. А напуштањето на средното образование, е многу, многу повисоко во однос на основно. Така што во овој поглед мора да се направи нешто повеќе. Кога станува збор за здравствениот равој на македонските деца мора да се потенцира дека, во Македонија стапката на вакцинација на децата изнесува 92%. Тоа е добар индикатор, но повторно ако се погледне поединечно на различни области во земјата, како што се пооддалечени, „позатурени“ планински места таму ќе се види дека стапката е многу пониска.

Да поразговараме на една друга тема. Неодамна заедно со МВР ја промовиравте кампањата за трговија со луѓе. Како оваа кампања понатаму ќе се равива?

Трговијата со деца е криминал, исто така, тоа е многу грубо кршење на правата на децата. УНИЦЕФ работи со Владата и со невладини организации во борба против трговијата со деца. Значи, кампањата која неодамна ја промовиравме заедно со македонското Министерство за внатрешни работи е само една од многубројните активности што ние ја работиме во Македонија. Ние веруваме дека може да се спречи, да се превенира трговијата со децата. Но повторно е неопходен сеопфатен пристап и вклученост на повеќе релевантини министерства. Исто така, неопходно е на највисоко политичко ниво да се има заложба, за да можеме да се бориме против трговијата со деца. Во Македонија ете за среќа имаме таква заложба, бидејќи постои национална Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. Тело кое има претставници од повеќе министерства и практично постои таа меѓусекторска соработка. Многу е важно да се знае како да се работи со децата жрти на трговија, токму поради тоа УНИЦЕФ смета дека луѓето кои работат директно со жртвите на трговија со луѓе, треба да имаат соодветно знаење и подготвеност, па затоа ние веќе работиме на неколку вакви проекти во Македонија. Сметам дека со оглед на тоа што пограничните места на државава се поранливи во смисла на тоа, дека таму може повеќе да има трговија со луѓе, ние работиме на обука за членови на заедниците во осум различни погранични места во земјава. Исто така ми е драго што можам да споменам дека во септември оваа година, Македонија го ратификува Палермо договорот со којшто формално се обврзува дека ќе се бори против трговијата со луѓе. Но, како заклучок би сакала да кажам дека споделувањето на информации, знаењето, е многу важно во борбата против трговија со луѓе.

Моето последно прашање. Кои се идните планови на УНИЦЕФ во Македонија?

УНИЦЕФ е присутен во Македонија од 1993 година. Значи ние имаме веќе една цела деценија соработка со македонската Влада. Идната година започнува нов програмски циклус на соработка кој што ќе трае пет години. Се надеваме дека во процесот на децентрализација во Македонија и во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, ние од УНИЦЕФ ќе успееме со Владата да го промовираме гласот на децата и нивните потреби. За да може да се развие соодветна социјална политика во која децата ќе бидат централна тема во овие два процеса, значи едниот на децентрализација, а другиот на влез во ЕУ, ние од УНИЦЕФ ќе подржиме поефективно, и подобро прибирање на податоци, како и подобра нивна статистичка обработка за да можеме да и помогнеме на државата понатаму да развива соодветна социјална политика врз основа на тие податоци. На крајот, конечно се надеваме дека ќе продолжи нашата успешна соработка со националниот амбасадор за деца во Македонија Тоше Проески и дека преку него нашиот глас ќе стигне до најдалечните места во земјава. Гледам кон оној ден кога во Македонија секое дете ќе може да ги ужива сите свои права. Јас сонувам за тоа!
XS
SM
MD
LG