Достапни линкови

Штета на имиџот на македонската држава


Кондово каде полицијата еден месец нема пристап од страна на вооружените лица, праќа порака што е на штета и на имиџот на македонската држава и на македонските Албанци, оценува аналитичарот Мерсал Биљали:

„Кај Албанците очигледно се нема подршка за такви можни манифестации дури луѓето се на мислење дека се нанесува штета на еден проект како што е АМБО- проектот, бидејќи со тоа се извезува некаков имиџ дека земјава сеуште не е стабилизирана, така што може и да пропадне овој проект.“

Политичките средства што во меѓувреме се користат за одвраќање на вооружените лица во Кондово од нивните барања, можат да бидат корисни, но тие не може да се применуваат до бескрај, вели деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Трајан Гоцевски:

„Бидејки ние сега градиме постконфликтно општесто, добро е што политичките партии од албанскиот блок, ако искрено настапуваат да го разрешат тој проблем, меѓутоа доколку сето тоа не вроди со плод, тогаш апсолутно легитимноста е кај државните органи кои мора да ја разрешат таа состојба.“

Тој додава:

„Проблемот е до толку поголем, што веќе се покажува екстериторијалност. Така да и меѓународната заедница треба многу похрабро, да ги охрабри државните органи на Македонија и политичките структури за овој настан да не ескалира. Инаку, познато е правилото и во праксата и во теоријата дека обично од мали работи и од такви инциденти, може ситуацијата да избега од контрола.“

Анлитичарот Биљали се соглсува дека не треба да се исклучува пристапот на како што вели, линијата на помало зло за решавање на случајот во Кондово, но додава:

„Мислам дека и од хуман аспект треба да се убедат дека тоа е нивна грешка. И најверјатно да отстапат од такви работи, меѓутоа се согласувам дека неможе тоа да трае во недоглед.“

Вооружените лица во Кондово како параван за нивните активности во оваа скопска периферија ги наведуваат барањата за постконфликтна амнестија. Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Владо Бучковски за барањата на вооружените лица од Кондово со став:

„Дел од групата таму се осомничени за убиства и затоа бегаат во Кондово, затоа што сметаат дека на тој начин ќе создадат една територија каде што ќе бидат недопирливи. Да се размислува за нова амнестија не само за тие сторители на тие кривични дела, би ја внело Македонија во еден магичен круг каде што нема да функционира правната држава. Секогаш со било каква нова амнестија би ги охрабриле идните сторители на убиства и други тешки кривични дела, да земат оружје во рака и да се пазарат со централната власт или со државата за да издејствуваат амнестија.“
XS
SM
MD
LG