Достапни линкови

Судството најкорумпирано во Македонија, потоа политичките партии


Судството во земјава е најкорумпирано, потоа следат политичките партии, велат резултатите од глобалниот барометар за корупцијата во 2004 година. На светско ниво како најкорумпирани се политичките партии, а и мислењето на македонските гарганите е слично, посочуваат во Транспарентност Македонија. Корумпираноста на институците се оценува со индексни поени и тоа од еден што значи најмал степен на корупција, до пет индексни поени или потполна корумпираност.

„На светско ниво за најкорумпирани се сметаат политичките партии. И нашето мислење, во оваа анкета се поклопува со ова мислење во светот. Единствената разлика е што кај нас судството е на прво место со индекс 4,3, а на второ место рамноправно се политичките партии, царината и здравството со 4,2 поени, собранието со 4,1 е на трето место, а полицијата со 3,8 индексни поени, заедно со бизнис секторот и образованието, понатаму е даночната управа со 3,6, медиумите со 3,3 итн,“

изјави Зоран Јачев претседател на „Транспарентност Македонија“. Со цел намалување на оваа појава во земјава отааму апелираат до институциите да ја потпишат Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата што ја имаат прифатено 113 држави.

„Оваа конвенција сеуште не е стапена на сила, бидејќи според правилата на ОН таа ќе стапи на сила 90-тиот ден откако 30 земји ќе ја имаат ратификувано. До сега десет ја ратификувале, значи уште 20 требаат за да почне да делува обврзувачки насекаде во светот.“

Станува збор за прв светски правно-обврзувачки документ што предвидува неколку важни инструменти за превенција на корупцијата, потоа меѓународна соработка во областа на прогонотот на корумпитраните лица, како и можност за вракање на имотот стекнат со корупција, а изнесен од матичната земја.
XS
SM
MD
LG