Достапни линкови

Новата влада ќе биде полоша и од претходната


Без разлика на персоналниот состав на новата влада на мандатарот Владо Бучковски, таа нема да има капацитет да се справи со проблемите во земјава, пред се на економски план, ова е мислењето на повеќето политички партии во земјава. Теретот што му го остави Хари Костов е голем камен што треба да го симне од институциите, смета Зоран Крстевски од ЛП:

„Ние од досегашните партии на СДСМ не видовме програма на влада, не видовме експозе подолго од три страни во Собранието, така што господинот Бучковски треба да го посвети ова време за создавање концепт за тоа што таа влада во наредниот перод би работела.“

И од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат во капацитетите на Бучковски:

„Се сомневам со оглед на тоа до кој степен е дојдено до ерозија на општеството, бидејќи на полето на економијата Македонија е многу слаба. Гледајќи од која област доаѓа Бучковски, неговото политичко и партиско искуство, се сомневам, дека сето тоа ќе се оствари,“

изјави Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот лидер, Никола Груевски пак, смета дека владата на Бучковски ќе биде дури и полоша од претходната:

„Владата треба комплетно да ја видиме. Според шпекулациите што ги слушнавме до сега, не е исклучено да биде и полоша, меѓутоа сеуште тоа е во знакот само на шпекулации. Нашето мислење ќе го кажеме во парлементот. Така што, немојте да бидете изненадени ако останам на тоа мислење.“

За Зуди Џелили од ДПА добро е да се надеваме дека работите ќе тргнат на подобро, но новата влада не ветува такво нешто:

„Бидејќи остануваат голем дел од министрите, кој ќе не убеди дека нема да има понатамошна корупција во владата и понатамошни самоволни однесувања?“

Додека во ПДП иако сметаа дека личноста на Бучковски рефлектира позитивна енергија, неговата влада нема да опстои повеќе од шест месеци:

„Меѓутоа, не може да состави ефикасен тим и затоа сметаме дека земјата и натаму е во длабока политичка и економска криза и затоа оваа влада нема да трае повеќе од шест месеци.“

И во ВМРО-Народна се скептични дека новата влада може нешто повеќе да направи:

„Не може да стане збор за влада на Република Македонија, туку две до три политички групи, кои по силата на законот ќе се преправаат дека се единствени институции.“

вели Ѓоѓри Трендафилов.
XS
SM
MD
LG