Достапни линкови

logo-print

Корупција во Обединетите Нации?


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан го отфрли повикот од американскиот сенатор Норм Колмен да си поднесе оставка поради сомневањата за малверзации со програмата нафта за храна за Ирак. Администрацијата на претседателот Џорџ Буш се дистанцира од тврдењата на сенаторот, но сепак поради целиот случај е доведена во прашање репутацијата на Обединетите Нации.

Сенаторот Норм Колмен во весникот Вол Стрит Џурнал оцени дека Кофи Анан мора да сноси одговорност за малверзациите со програмата нафта за храна, кои, според сенаторот, се едни од најголемите во историјата на Обединетите Нации. Републиканскиот сенатор ја предводи и конгресната истрага за прекршувањата на правилата околу таа хуманитарна програма за Ирак. Портпаролот на Обединетите Нации Фред Екард соопшти дека Анан нема да си поднесе оставка.

„Анан не доби повик за оставка од ниедна земја членка. Доколку има некаква агитација во врска со тоа прашање, тоа е нормално, но тој има уште две години од мандатот и ќе остане на функцијата.“

И претставници на повеќе земји во Обединетите Нации му искажаа подршка на Кофи Анан за останување на функцијата. Според истрагата што ја спроведе комитетот на сенаторот Колмен, постојат докази дека владата на Садам Хусеин заработила околу 20 милијарди долари поради лошата контрола на програмата нафта за храна. Обединетите Нации одбија да му ги дадат документите на комитетот на Конгресот. Критичарите велат дека Анан ја кочи американската истрага во врска со тоа прашање. Еден од нив е аналитичарот Нил Гарднер.

„Добар лидер на Обединетите Нации би требало да ги запре малверзациите. Тој би требало да си поднесе оставка и да овозможи целосна истрага.“

Меѓутоа, Лоренс Вучер, кој раководи со глобалните програми на Обединетите Нации во Соединетите Држави, вели дека не може едноставно да се обвини Анан, бидејки за таа програма беше одговорен Советот за безбедност, а беа вклучени повеќе јавни и приватни субјекти.

„Постоеја многу фактори и потребна е длабинска истрага за да се утврди кој и за што бил одговорен“.

Програмата нафта за храна беше одобрена од Советот за безбедност во 1996 година во време кога Ирак беше под санкции поради барањето да се ослободи од оружјето за масовно уништување. На ирачката влада и беше дозволено да продава нафта во замена за храна, медицински материјали и други хуманитарни стоки. Меѓутоа, се покажа дека Садам Хусеин можел да манипулира со програмата и да шверцува нафта. Портпаролот на Стејт Департментот Адам Ерели одби да ги коментира барањата за оставка на Анан, но оцени дека тој соработува во истрагата. Меѓутоа, Кофи Анан се соочува и со сомневањата дека неговиот син примил пари од една фирма која била надлежна за контрола на програмата нафта за храна.
XS
SM
MD
LG