Достапни линкови

Во Македонија не владее правото, туку политиката


Доставувањето на доказите од страна на поранешниот премиер Хари Костов во јавното обвинителство за постоење корупција меѓу некои од претставниците во власта, претставува неофицијална потврда за присуство на таа појава во структурите на власта:

,,Ете, тоа е сигнал дека она што јавноста знае, дека во структурите на државата, кај носителите на власта, оваа појава и натаму е присутна,"

вели Џевдет Харедини од организацијата ,,Македонија без корупција", кој изразува резерва дека по поднесувањето на доказите во обвинителството конкретниот случај ќе резултира со епилог:

,,Дали имаме докази дека сите појави на корупција се исцрпени? За жал, не очекувам многу, таа појава метастазирала, многу долго во државата. Не е од сега, продолжува инерцијата од минатото и сега."

Сомневањето дека по поднесувањето на доказите од страна на Костов за постоење корупција ќе следува епилог, Хајредини ги темели на бавноста на обвинителството и судскиот систем во Македонија. Таквиот став го дели и Слаѓана Тасева од анти-корупциската комисија. Таа прашува, зошто во меѓувреме отсуствувала реакција од обвинителството, откако пред четири месеци, поранешниот премиер Костов, доказите им ги презентирал на лидерот на ДУИ Али Ахмети, и на претставниците на меѓународната заедница:

,,Костов, покрај тоа што ги информирал ДУИ и меѓународната заедница, секако имал обврска да го информира и јавниот обвинител. Меѓутоа, од друга страна и јавниот обвинител имал обврска, по се она што тогаш се слушаше, и морал согласно законот да ги побара информациите и да се обиде да собере докази."

Таа додава:

,,Во случајов имаме состојба дека кај нас не владее правото, туку политиката. Не треба да станува збор за политички одлуки, ако некој направил кривично дело. Значи, сега се отвора и тоа прашање, до кога ќе работиме на тој начин, да се калкулира. Мора да инсистираме секој да одговара за она што го направил, доколку се утврди дека е сторено кривично дело."
XS
SM
MD
LG