Достапни линкови

Нема опасност за ширење на болеста во Македонија


По предупредувањето за можност од пан епидемија на птичји грип од светски размери, македонските стручњаци исклучуваат дека во нашата земја има можност од присуство на овој смртоносен вирус што го напаѓа системот за дишење:

„Птичјиот грип барем за сега се појавува само во одредени подрачја на светот и за сега немаме регистрирано таков случај кај нас. Со други зборови, ја следиме состојбата, како во Македонија, соседството и кај нив немаме регистрирано птичји грип,“

вели доктор Жарко Караџовски, епидемиолог од Републичкиот завод за здравствена заштита.

Можниот ризик од појава на болеста се елиминира на тој начин што нашата земја веќе подолго време има забрана за увоз на пилешко месо од државите каде што се појави болеста:

„Веќе подолго време има забрана за увоз на пилешко од Азија, со што можноста за пренесување на оваа болест во Македонија е сведена на минимум,“

вели Слободан Чокревски, директор на ветеринарната управа.

Во ветеринарната управа, исто така велат, дека анализата на ризокот од појава на болеста постојано е присутна:

„Лани имаше појава во САД. Болеста во Азија и во САД е различна. Вирусот во САД не е преносен на луѓето, за разлика од азискиот којшто може да се пренесе на луѓето со сериозни здравствени последици.“

Инаку, Македонија нема лабораторија за тестирање на птичјиот грип, но болеста има поинаква слика од онаа на обичниот грип, врз основа на која болеста може да се дијагностицира:

„Респираторните симптоми можеме само клинички да ги регистрираме, а дијагностичка процедура во моментов во Република Македонија не постои. Доколку нешто се појави апсолутно би можеле да испратиме материјали за дијагностика,“

вели доктор Жарко Караџовски.
XS
SM
MD
LG