Достапни линкови

Безбедносните структури ја следат состојбата


Безбедносните структури во земјава ја следат состојбата во Кондово. Присуството на вооружени лица во моментов не претставува закана за безбедноста на земјата. Ќе дејствуваме кога ќе процениме дека ќе треба да се преземе акција против нив, велат тие:

„Состојбата во Кондово не е глобална закана за безбедноста во државата. Се работи за лица, поединци, чиишто движења полицијата ги следи. Состојбата се обсервира, ќе се делува на начин како што ќе биде проценето дека треба и во моментите кога ќе се процени дека треба да се делува. Така што, нема, за сега посериозна закана, од лицата коишто во моментов министерството ги следи,“

изјави портпаролот на МВР Горан Павловски, кој тврди дека и покрај присуството на вооружени лица полицијата патролира во ова скопско село:

„Да, полицијата е присутна таму, исто така, последниве неколку дена имавме пријавени неколку случаи, излезено е и на увид, така што има полиција во Кондово.“

До сега, вооружените лица во Конодово јавно не се произнеле, кои се нивните барања и зошто се појавиле. Се појавува, извесен Беким, којшто заедно со неговите приврзаници се наоѓа во ова село, кој како што велат е задолжен за контакти со новинарите:

„По телефон не би сакал да разговараме, повелете добредојдени сте во секој момент,“

изјави тој во нашиот краток телефонски контакт.

Инаку, мандатарот за формирање на новата влада, посочи дека една од приоритетните задачи на неговиот кабинет ќе биде токму решавањето на овој проблем. Опозицијата во земјава бараше пред Собранието да се постави прашањето на Кондово, но тоа не им успеа. Според нивните информации, владата веќе почнала преговори со вооружените лица. Заменик министерот за одбрана Ризван Сулејмани се посочува како човек за врска:

„Јас сум роден во Сарај, живеам таму, сум живеел, моментно не живеам,“

изјави Сулејмани.

За сега јавно, ниту една политичка партија не застанала зад овие лица, но анонимни извори од безбедносните структури велат дека одредени луѓе на опозициската ДПА се тие коишто ги поддржуваат, Портпаролот на ДПА Сулејман Рушити изјави дека синоќа партиските органи подолго расправале за проблемот на Кондово и оти обвинувањата упатени на нивна адреса, и како што рече било одлучено да не реагираат повеќе на ваквите информации.
XS
SM
MD
LG