Достапни линкови

Поголема закана од нуклеарниот тероризам


Во изминативе две години бројот на инфицирани од СИДА во Источна Европа и во Централна Азија е зголемен за 40 насто, е наведено во извештајот на Обединетите Нации. Според генералниот секретар Кофи Анан, епидемијата на СИДА-та е закана за светот слична како нуклеарниот тероризам. Околу милион ипол луѓе во тој регион имаат СИДА или се инфицирани, а најкритична е ситуацијата во Русија, Украина и Балтичките земји.

Една 30-годишна проститутка вели дека дознала дека има СИДА пред 2 години, притоа не знае од кого се инфицирала.

„Имаше некои клиенти кои не сакаа да користат кондоми. Беа пијани, а мажите обично бараат сексуални услуги кога се пијани.“

Нејзиното семјејство ја отфрлило, но најлошото е сознанието дека умира. Многу жени се принудени на проституција поради сиромаштијата, настојувајки да си обезбедат егзистенција, што е една од причините за брзото ширење на ХИВ вирусот. Друга критична категорија се корисниците на дрога. Експертите сметаат дека во Централна Азија има околу 500 илјади интравенозни зависници, а многумина од нив не внимаваат на неопходноста од користење стерилни игли. Тоа го потврдува и Арман Хусанбеј, портпарол на Казахстанското Министерство за внатрешни работи.

„СИДА-та е најраширена меѓу зависниците од дрога бидејки тие многу често ја земаат во групи, со иста игла и меѓусебно се инфицираат“.

Епидемијата на СИДА-та, покрај страдањата на заболените, нивното отфрлање од семејствата и пријателите, негативно се одразува и врз економскиот развој на државите. Така на пример според анализата на Светската Банка, ширењето на ХИВ вирусот во Казахстан и во Киргистан долгорочно ќе го намали економскиот развој за 10 насто, а во Узбекистан дури за 21 насто. Сепак, директорот на програмата за борба против СИДА-та на Обединетите Нации, Петер Пиот, вели дека Владите можат да направат многу во превентивна смисла.

„Има се повеќе земји во Источна Африка, како и во Камбоџа, Тајланд и Бразил, каде што бројот на инфицирани се намалува. Во многу држави постои силна политичка волја за превенција, која сеуште не е евидентна во Источна Европа и во Централна Азија.“

Експертите предупредуваат и дека една од пречките за подобар третман на инфицираните и за поефикасна превенција, е фактот што нема точна евиденција бидејки голем број на ХИВ позитивни, од разни причини, избегнуваат да се тестираат. Џонатан Коен од Хјуман Рајтс Воч вели:

„Кога луѓето се сомничави во системот за здравствена заштита, кога се плашат да се декларираат како зависници од дрога или пак како проститутки, што може да резултира и со апсење, тогаш е јасно зошто одбегнуваат да се тестираат. Затоа и нема точни податоци за епидемиолошките размери на СИДА-та, и всушност во многу земји се добива впечаток дека проблемот и не е толку сериозен.“
XS
SM
MD
LG