Достапни линкови

Нема да има драстични промени во генералната политика


Со промената на политичката гарнитура, односно назначувањето на новиот премиер во Македонија, не може да се очекуваат драстични промени во поглед на правецот во кој веќе се движи државата. Ѓунер Исмаил, од Центарот за стратегиски истражувања, кој го застапува ова гледиште вели:

„Се разбира, не може да очекуваме драстични промени, процесот на интеграција не може да се запре, туку мора да се интензивира и процесот на децентрализација исто така.“

Според професор Тања Каракамишева, нов дух во работата на владата може да се очекува, доколку дојде до посериозни кадровски промени во владиниот кабинет:

„Не смееме политиката да ја насочуваме на пет – шест луѓе. Значи, премиерот мора да се насочи кон проветрување на владиниот кабинет ако сака да постигне поголеми резултати во своето работење.“

Но, според Ѓунер Исмаил:

„Јас не би навлегувал во детали кој ќе го раководи кое министерство. Ние сме многу длабоко навлезени во договори со ММФ, Светска банка, рашања околу динамизирање на активностите околу борбата против корупцијата, ќе треба да се интензивираат реформите во МВР, има еден многу непријатен извештај на „Проксима“,“

Лоцирајќи ги приоритетите во работата на владиниот кабинет, публицистот Ибрахим Мехмети вели дека во наредниот период, владата треба да и даде приоритет на економијата. Сепак, остануваат да висат во воздух обвинувањата за непотизам и корупција на владеачката коалиција што претходниот премиер Хари Костов ги наведе како причини за оставката, Мехмети во тој контекст оценува:

„Треба да се преземат мерки, да не се остави да виси проблемот којшто само ќе раќа нова недоверба, односно да го расчисти ова и тоа многу транспарентно, да не се остави впечаток дека нешто се прикрива и дека проблемите внатре во владата се заташкуваат. Мислам дека тоа е една од првите работи што треба да ги направи новиот премиер.“
XS
SM
MD
LG