Достапни линкови

Зголемување на цената на електричната енергија


Со вклучувањето на Македонија во енергетската унија, што подразбира вклучување во енергетиката на ЕУ, ќе дојде до зголемување на цената на електричната енергија, посочуваат од Министерството за економија и додаваат, секоја реформа има своја цена. Но, оттаму објаснуваат дека тоа мора да се спроведе и на подолг рок значи стабилност на електро енергетскиот систем и владеење на пазарни околности или подобар квалитет за пониска цена:

„До сега пазарот на електрична енергија во Македонија беше контролиран и поседуван од државата и во делот на производството и во делот на дистрибуцијата. Значи, едно претпријатие стопанисуваше со целиот систем. И социјалната компонента беше вклучена во цената на електричната енергија. Односно, оние што плаќаа електрична енергија плаќаа и за оние што не ја плаќаат заради различни причини, најчесто затоа што немаат средства за егзистенција. Тој систем, во пазарни услови е неиздржлив и нефер и затоа мора да се замени, со систем на плаќање, значи систем за тарифирање, одредување на цена, кои се темели врз пазарни критериуми,“

изјави Гоце Пачемски од министерството за економија.

Професорот од ЕТФ Властимир Гламожанин посочува дека исто така е извесно покачување на цената на електричната енергија:

„Ако ја гледаме цената на електричната енергија како продукт на европскиот пазар, тогаш може да се очекува дека ќе има покачување. На пазарот ќе излезат само оние коишто се квалификувани потрошувачи, тоа се поголемите индустриски капацитети, додека домаќинствата потпаѓаат под тарифите коишто се дефинирани со новата тарифна методологија и во којашто главниот збор ќе го има и регулативното тело на Македонија, односно тие ќе бидат покриени од сопствените извори во земјата.“

Од Министерството за економија, најавуваат дека во овој случај, владата ќе воведе посебен механизам за заштита на оние кои нема да можат да ја платат високата цена, бидејќи Македонија е и социјална држава:

„Како ќе го супституира тој трошок, на тие луѓе, државата треба да изгради механизам. Во овој момент, таков механизам не беше потребен, затоа што државата ја имаше вградено социјалната компонента во цената, сега тоа ќе треба да го исклучи и да смисли нов механизам, како тие луѓе да не останат без електрична енергија,“

вели Пачемски.
XS
SM
MD
LG