Достапни линкови

Спроведувањето на Охридскиот договор клучно за развојот


Клучно за развојот на Македонија е спроведувањето на Рамковниот договор, изјави денеска во Скопје Комесарот надлежен за проширување на ЕУ Оли Рен. Според него во земјава има знаци на позитивен развој:

„Најпрвин, позитивниот развој на референдумот во врска со децентрализацијата, го трасира патот, односно овозможува сега сите напори да се концентрираат врз спроведувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор. Спроведувањето на договорот, односно спроведувањето на децентрализацијата е важен политички критериум во пристапувањето кон ЕУ. Второ, првите активности и чекори преземени за назначување на нов премиер, се знак за демократските капацитети и зрелост на вашата земја,“

изјави Рен.

Во контекст на прашалникот, што беше доставен до владата, тој вели дека Македонија веднаш ќе добие оценка за сработеното. Министерката за надворешни работи на Македонија пак, Илинка Митрева, изјави дека на разговорите е констатирано дека земјата има лидерска улога во регионалната соработка. Таа посочи дека исполнувањето на критериумите од областа на внатрешни работи и правда се особено важни за земјава, бидејќи тоа ќе придонесе за олеснување на визниот режим за граѓаните.

„Главни се реформите коишто ги презема Македонија на патот на доближувањето кон ЕУ, особено во делот, што во европскиот жаргон се нарекува правда и внатрешни работи, што значи реформи во судството, полицијата, интегрираното гранично обезбедување, борбата против организираниот криминал и корупцијата, важни активности коишто се клучни и за олеснувањето на визниот режим на ЕУ кон Македонија. Ние сме подготвени интензивно да работиме на исполнување на овие критериуми, но истовремено очекуваме и флексибилност од страна на ЕУ.“
XS
SM
MD
LG