Достапни линкови

Законот во лавиринтите на Министерството за правда


Веќе две години од страна на Министерството за правда во фаза на изработка е текстот на законот за соработка на македонските судски органи со судот во Хаг, но очигледно не постои политичка волја за негово донесување, објаснува професорот по кривично право од Правниот факултет, Гордана Бужаровска:

„Во фаза на изработка е законот за соработка со Хашкиот трибунал, меѓутоа тој сеуште не минал низ компетентните тела и ограни во Министерството за правда. Причината мора да се побара во постоење или непостоење политичка волја. “

И покрај отсуството на законска регулатива, досегашните активности меѓу македонските судски органи и хашкиот суд, за случаи за кои е заинтересиран Трибуналот се одвиваат без никакви проблеми, вели Министерот за правда Иџет Мемети. Во недостаток на закон, за кој и Мемети е согласен дека треба да биде донесен, петте случаи од земјава кои се во надлежност на Хашкиот суд се процесуираат врз основа на одредбите предвидени во кривичниот закон на Македонија.

„Статутот на трибуналот предвидува постапки за давање помош, а и нашиот кривичен законик има одредби за давање на правна помош,“

потенцира Министерот за правда Иџет Мемети.

Во меѓувреме вакумот кој што се создава поради немањето на законска регулатива, ја попречува работата на адвокатите од земјава кои имаат соработка со Хашкиот трибунал. Според нив постои „расчекор“ помеѓу македонското јавно обивнителство и хашкиот трибунал.

„Според нашиот закон по член 404 Јавното обвинителство е должно да ја поведе постапката, но исто така по тој член надлежен е и Хашкиот трибунал. Може да се случи Јавното обвинителство да не покрене постапка затоа што тој случај веќе е во Хаг и обратно, така што постои расчекор,“

изјавува адвокатот Ванчо Шехтански застапник на роднините на 12-те киднапирани Македонци во 2001.

Објаснувајќи ја потребата од донесувањето на закон за соработка со судот во Хаг, професор Бужаровска потенцира:

„Секогаш е посигурно за двете страни коишто соработуваат во определени релации, да постои јасно дефинирана законска рамка, да не постои можност за несогласувања и недоразбирања.“

Во надлежност на Хашкиот трибунал се наоѓаат пет македонски случаи за цивилни и воени злосторства од конфликтот во 2001 година. Случајот Љуботен, браната во Липково, случајот со работниците од градежното претпријатие „Маврово“, и 12-те киднапирани Македонци.
XS
SM
MD
LG