Достапни линкови

Си играме демократија


Постапката за промена на Законот за избор на пратеници, иницирана во законодавниот дом, со што на парламентарците ќе им се овозможи трансфер од една во друга партија за време на еден мандат, ја отвори дилемата колку се почитуваат постоечките, односно се менуваат ли законите според потребите на политичките субјекти. Коментирајќи го конкретно актуелниот случај, професорот по Уставно право на правниот факултет, Саво Климовски, објаснува:

„Ние живееме во една виртуелна парламентарна демкократија. Што значи тоа? Тоа значи, дека си играме парламентарна демократија. Ние имаме парламент, парламентарци, имаме политичките живот којшто е изместен од институциите. Центрите на моќ и одлучување се надвор од тие институции. Затоа, велам, ние имаме една измислена демократија.“

Задржувајќи се на причините за иницирање на еден ваков предлог за измена на законот, наспроти фактот што истите субјекти во минатото биле поддржувачи на овој акт, професор Климовски продолжува:

„Тој е израз на волјата на граѓанинот којшто е репрезент, и кадешто тој е анонимус и го гледа изворот на својата моќ во партискиот лидер или во потесното партиско раководство, а не кај граѓаните.“

Практикување на демократијата на македонски начин е ланец, на кој освен законодавната, му се придружува и извршната власт, потенцираат експертите. Тука е и примерот со неодамнешното непочитување на регулативата при отворањето на кафеаните затворени од пазарната инспекција, во еуфоријата на прославувањето на признавањето на Уставното име. Во Македонија недостасува култ кон законот, изјавува политкологот Хисен Рамадани:

„Ние немаме стигнато до степен, кога законот е култ на луѓето, не само за тие за кој е донесен, туку посебно од оние коишто го донеле.“

Ваквиот однос кон правото, и од страна на министрите и од страна на парламентот, упатува една порака кон граѓаните, тие да не ги почитуваат законите:

„Правото е резултат на дневна политика во Македонија. Нема желба од страна на политичарите да почне да функционира правниот поредок во нашето општество. И ги учиме едноставно, обичните луѓе и тие да не го почитуваат правниот поредок,“

заклучува професорот на правниот факултет Ѓорѓи Иванов.
XS
SM
MD
LG