Достапни линкови

Буш веројатно ќе ја именува Кондолиза Рајс за нов државен секретар


Американскиот претседател Џорџ Буш веројатно денеска ќе ја наименува досегашната советничка за национална безбедност Кондолиза Рајс за нов државен секретар, откако вчера Колин Пауел Поднесе оставка. Пауел, на брифингот во Стејт Департментот изјави дека тој имал намера да ја извршува функцијата само еден мандат.

„Отсекогаш моја интенција беше да работам еден мандат и по разговорот со Буш, заеднички се согласивме дека е време да си заминам.“

Претседателот Буш му оддаде признание на досегашниот државен секретар, оценувајки дека Пауел за време на 4-годишното работење склучил повеќе нови сојузи кои и помагаат на Америка да победи во војната против тероризмот. Аналитичарот Томас Керотерс од Карнеги институтот оценува дека заминувањето на Пауел од функцијата ќе биде голема загуба за Соединетите Држави, но и за сојузниците со кои тој имаше одлични односи.

„Ја загубивме вербата дека најмалку една личност во врвот на бушовата администрација навистина се грижи и за нашите сојузници во Европа, на Блискиот Исток, во Азија и насекаде низ светот.“

Од друга страна, за Кондолиза Рајс се смета дека е еден од главните архитекти на унилатералната американска надворешна политика, при што се наведува американското повлекување од Кјото протоколот и воената интервенција во Ирак. За Рајс аналитичарите наведуваат и дека е блиска пријателка на семејството Буш. Кондолиза Рајс ќе биде втора жена државен секретар, по Медлин Олбрајт, која ја вршеше таа функција во администрацијата на Бил Клинтон. Рајс е родена во 1954 година во Бирмингем, Алабама и потекнува од семејство од средната класа. Докторира во 1981 година на Универзитетот во Денвер, а од 1993 до 1999 година работеше во престижниот Стенфорт Универзитет. Коинциденција е фактот што еден од универзитетските професори на Рајс беше Јозеф Корбел, чешки дисидент и татко на Медлин Олбрајт.
XS
SM
MD
LG