Достапни линкови

САД ја признаа Република Македонија под уставното име


САД ја признаа земјава, под нејзиното уставно име, Република Македонија. Државниот врв и сите политички партии сметаат дека со ова се покажува оти Македонија има пријатели во светот.

„Ова е потврда дека кога во нешто силно се верува и кога на нешто упорно се работи, резултатите мора да дојдат. Денешниот настан е и доказ дека Република Македонија има свои пријатели и сојузници во светот. Пријатели кои не почитуваат и ги вреднуваат напорите што ги вложуваме. Ја котистам оваа прилика, во името на сите вас, почитувани граѓани, да ја искажам нашата благодарност до САД за принципиелната одлука. Во исто време, сакам да упатам порака до грчката влада и грчкиот народ, дека Република Македонија е цврсто решена да продолжи да гради пријателски, искрени добрососедски односи,“

изјави претседателот Бранко Црвенковски.

Меѓу другото, според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со ова се исправа и една историска неправда кон Македонија:

„Ова признавање доаѓа како резултат на долгогодишните напори за сите граѓани на Република Македонија и истрајноста што ја покажаа граѓаните, единството што го покажаа по ова прашање и со ова гледаме дека навистина она што деновиве го говориме дека силата е во единството. Се потврдува по ова прашање, кога државата, кога народот, кога граѓаните, кога нацијата, политичарите, ќе покажат единство по клучните национални државни прашања, успесите неизоставно доаѓаат. Се надевам дека и во идно време за клучните национални прашања, за важните моменти на државата, ќе покажеме една цврстина, една сила и единство. Исто така, мислам дека ова на некој начин е завршница на исправање на една голема грешка направена во 90-тите со прифаќање на привременото име, ПЈРМ, и на некој начин тоа е исправање на една голема грешка, а верувам дека граѓаните во недела ќе исправат уште една голема грешка.“

Рафиз Халити од ДУИ смета дека сега и Грција треба да има позитивен пристап кон Македонија:

„Ние треба, без натамошна еуфорија да градиме добрососедски односи со Република Грција. Мислам дека еден позитивен пристап и од страна на Република Македонија ќе се рефлектира позитивно и во ЕУ. А, тоа за нас значи дека полека се решаваат политичките проблеми на Балканот.“
XS
SM
MD
LG