Достапни линкови

Одзивот на гласачите решавачки фактор


Американците денеска гласаат во една од најтесните претседателски избори во последниве неколку децении. Најновото испитување на јавното мислење покажа дека претседателот Џорџ Буш и неговиот ривал, сенаторот Џон Кери се толку изедначени, што, според аналитичарите, единствен решавачки фактор ќе биде одѕивот на гласачите.

Американскиот претседател, републиканецот Џорџ Буш само вчера пропатува низ шест држави во последен обид да ги убеди неопределните да излезат на изборите. На собирот во Њу Мексико, Буш тоа го побара и од неговите републиканци, но и демократите.

„Ако си демократ кој верува дека неговата партија годинава премногу свртила на лево, барам да бидеш со мене. Ако си малцински граѓанин и веруваш во слободни иницијативи, добри училишта и во вредностите на семејството, дојди со мене.“

Претседателот Буш во текот на денов треба да гласа во Тексас, каде што и се наоѓа неговиот дом. И противкандидатот, демократот Џон Кери ќе гласа во неговиот град Бостон. Тој вчера посети четири американски држави. На финалниот негов собир во Кливленд тој рече:

„Ова е одговорен момент за Америка, и момент кога светот гледа што ќе сторите. Резултатот од оваа трка е во ваши раце и таму и припаѓа.“

Експертите очекуваат повеќе од сто милиони американци да гласаат на овие избори кои исто така вклучуваат и гласање за триесет и четворица челови на Сенатот и за сите четиристотини триесет и пет места во Претставничкиот дом. Поради загриженоста од можни изборни нерегуларности, двете партии Републиканската и Демократската ангажираа илјадници адвокати да ги набљудуваат избирачките места. Тоа исто така ќе го прават и деведесет посматрачи од ОБСЕ. Според некои аналитичари, денешните избори можеби ќе бидат понеизвесни и од оние пред четири години на кои демократот Ал Гор освои петстотини илјади гласови повеќе, но Џорџ Буш, поради електорскиот систем на гласањето стана четириесет и третти претседател. Имено, американците на овие избори не се определуваат за еден од кандидатите туку за електори што ги имануваа партиите во рамките на сојузните држави. Тие ќе се состанат во декември и ќе гласаат за претседател и потпретседател.
XS
SM
MD
LG