Достапни линкови

Мислењата поделени


Спроти предупредувањата на дел од стручните лица дека приватизацијата во здравството не смее да отпочне пред да биде донесен законот за установи, владата одлучи реформите во здравството да отпочнат со приватизирање на аптеките. Нивната продажба, според фармацевтите, не им гарантира на осигурениците дека ќе добијат соодветна здравствена заштита, доколку немаат пари да го платат лекувањето. Доктор Илчо Захариев, поранешен директор на бирото за лекови вели:

„Ние имаме социјални структури моментално во државата кои не може да платат партиципација, а камо ли да го купат лекот.”

Приватизацијата на аптеките не значи приватизација на лековите, објаснува заменик министерот за здравство Андреа Арсовски, според кого новиот модел ќе биде во интерес на квалитетот на понудата на македонскиот фармацевтски пазар.

„Тоа значи дека истите пакети на бенефиции коишто одредени категории граѓани ги имаат сега, ќе продолжат и понатаму. Значи, граѓаните нема да имаат никакви последици во однос на нивните права, напротив, конкуренцијата може да овозможи тие права да бидат побрзи и поефикасни.”

Но, независно од уверувањата на министерството за здравство за ефектите од приватизацијата на аптеките, доктор Илчо Захариев вели:

„Западна Европа ги задржува јавните аптеки. Мислам дека тоа е еден од принципите за кои тие ги препорачуваат на источните земји во транзиција.”

Заменик министерот за здравство одговара:

“Во преговорите со ММФ, со Светската банка е заклучно дека овој модел за сега ќе се примени кај нас. Не можеме да тврдиме дека тој е најдобриот модел или не е, а точно е дека во светот има различни искуства.”

Во Меѓувреме осигурениците кои главно имаат забелешки за досегашниот начин на работа на јавните аптеки поради неможноста да ги добијат на рецепт потребните лекови, се сомневаат дека и со приватизацијата ќе се направат чекори што би биле во интерес на граѓаните. Напротив, велат тие:

„Додека има ќе пиеме, после ништо.”
„Социјалата не е заштитена од никого.”
XS
SM
MD
LG