Достапни линкови

logo-print

Слободан Унковски, режисер. Политиката во и околу Македонија - политика на морков и стап


Господине Унковски, во минатото изјавувавте дека немате услови за работа во Македонија и дека се додека не се создадат, нема да работите овде. Но, еве присутни сте на македонската сцена. Се создадоа ли услови за работа, го сменивте ставот или се враќате инцидентно?

Не се сменија битно условите. Туку, просто, направив големи паузи во моето работење во Македонија и мислам дека не е добро ниту за мене, ниту за театарот тука, ниту за актерите. Ниту за мене, бидејќи губам некои битни години од нивните можности, развој итн, а и тие исто така со мене. Така што, мислев дека е добро да се вратам и да направам некои претстави. Еве сега, после пет години една веќе направив, новиот текст на Дејан Дуковски, „На другата страна“, во Драмски. И работам, за некој ден ќе почнам, проби во МНТ, текст напишан пред сто години, до сега никогаш неодигран, од Димитар Молеров, еден Македонец од Банско, којшто напишал повеќе драми, од кој и „Змејовата невеста“, што јас ќе ја работам, не е никогаш изведена. Така што, не се сменија битно условите, се смени мојата одлука, дека сакам да работам тука.

Зошто?

Па, затоа што работам на македонски јазик, затоа што сум дома, ете тоа го правам со овие две претстави, па пак ќе се фрлам на грчки, фламански, српски, словенечки или кој јазик ќе падне, меѓутоа навистина во Скопје има публика што ги сака моите претстави, моите глумци и мојот пристап, така што сметав дека на некој начин правам некоја неправда. Парадоксално беше, во Белград, има три – четири претстави во Југословенско, а нема ниту една претстава во Скопје. Така што, тоа се причините.

Во контекст на ова прашање, велите дека ниту една влада, па дури ни во времето на вашето министерување не се интересирала за културата. Како ја оценувате културната македонска сцена сега?

Не е дека не се интересира, туку не се интересира доволно, се интересира колку што мора, затоа што не и е приоритет, други и се приоритетите. А се покажа и се покажува дека практично вака мала земја како Македонија мора да стави поголем акцент на културата, затоа што тоа ја афирмира, на многу полесен и поедноставен начин, од која било друга голема значајна презентација, којашто е врзана со огромни средства, нејасен исход итн. Не очекувам тоа да се смени така брзо и едноставно. Затоа што тоа е прашање на свест, на образование, на сфаќање, на ставање приоритети. Еден ден, кога економијата и некои други работи ќе бидат понормални, поизвесни и посигурни, поевропски, сигурно дека и други работи ќе се сменат во културата. Во секој случај, тоа е она што го имаме сега.

Велите дека преку културата можеме да се афирмираме во светот?

Апсолутно, нашите пер икони на изложбата во Метрополитан, значат многу повеќе отколку можеби едногодишна работа на нашата амбасада таму. Затоа што, тоа е дефинитивен доказ. Тоа е доказ одбран од други и презентиран, во рамките на една изложба што дури ја финансира грчка корпорација таму. Така што, тој тип акции се многу битни, заедно си сите дипломатски акции, јас не ги потценувам, да не ме разберете погрешно, меѓутоа апсолутно е битно, иконите винички, другите делови од културното наследство, се пна што е битно на овој простор, тоа може да не афирмира ако знаеме да го пласираме.

И покрај ваквите оценки за состојбата во културата, се чини дека имаме добра подлога за успешен културен живот. Еве, вие како пример, етаблирани драматурзи, како Горан Стефановски, Дејан Дуковски, кои ги градат своите кариери на светската сцена. Ги губиме ли луѓето што се вредни? Зошто не се задржуваат тука?

Ние практично во Македонија, за мали пари имаме многу богат културен живот. И тоа е парадоксот. Не може да трае долго, ама така е. И луѓе, што доаѓаат од страна, кога ќе го погледнат дневниот распоред на концерти, изложби, вие секој ден во Скопје имате отворање на некоја изложба, многу често имате премиера, многу често имате премиера на нешто, гостување, и други работи. Имаме потенцијал, ама не умееме да им дадеме замав на иницијативите, да ги претставиме и пласираме. Нашите иницијативи губат здив. Не успеваме да играме во второ коло и да победиме. Еднаш може да дадеме гол, ама втор пат не можеме, така што тоа е еден синдром на слаба верба во себе си, се рефлектира на повеќе полиња, па и таму. И можеби поединци успеваат да се избутктаат од таа ситуација, ама тоа се базира пред се на нивни квалитети, врски, комуникација итн, отколку на државна грижа. Во крајна линија не ни очекувам дека државата ќе се грижи за тоа. Меѓутоа, општиот залет, поддршката и афирмација и смислување проекти за културна афирмација е неопходно.

Како човек етаблиран во македонското општество, да се задржиме малку и на ситуацијата во земјава. Како гледате на последните случувања, еве конкретно околу територијалната организација. Што мислите за тоа што се враќаат некои претходно смирени прашања од типот на меѓуетничките односи, прашањата за дестабилизација на земјата?

Па, јас мислам дека ние го знаеме одговорот на прашањето кој сме и што сакаме. Го споменавте Горан Стефановски, претходно, тој вели во една своја драма, тоа од што се плашиш и тоа што страстно го посакуваш ќе ти се случи. Целата политика кон Македонија и внатре во Македонија стана политика на морков и на стап. Малку ни покажуваат морков, да тргнеме кон него, па ако не малку стапот од позади, па одиме. Знаете како, го сметам во најмала рака невкусно, неодговорно да се коментираат било какви граѓански иницијативи со заплашување. Мислам дека тоа не е решение. Сметам, како и многумина тука дека целата постапка што се водеше околу територијалната организација беше арогантна. Не мислам дека граѓаните треба да се прашаат за се, ама за она што е базична некаква потреба и вредност сигурно. Тоа е нешто деликатно и не смее да се урне. Од друга страна, имате една количина потписи, од повеќе десетици илјади што без оглед кој и како ги собирал покажува популација што има став за одредено прашање. Значи, таа енергија, на некој начин, не смеете да ја уништите. Не смеете да ја доведете во прашање, затоа што ќе има подалекусежни последици. Значи, нема само да биде рушење на референдум, туку ќе биде рушење на вербата во можноста, граѓаните да бидат коректив на тоа што се случува во власта или во Собранието или на други места. Според мене, можеби наједонставно, најздраво решение би било се да се врати на почеток. Макар се донеле истите решенија. Да се направи повторно разговор за тоа, да не се донесе решение во тесен круг луѓе, туку да се направи анализа, и да се види што е тоа, што луѓето на којшто се однесува сакаат.

За крај, едно ваше гледање за иднината на земјата?

Мислам дека се сталожува еден балкански хаос во нас полека. И на некој начин се обидуваме да ги најдеме други параметри. Уште не сме ги нашле, ама се подготвуваме за некакво приклучување. Меѓутоа, на многу правци гледам, да речеме, обиди или промени. Прашање е само до каде ќе се стаса. Без оглед на тоа што имавме војна и Рамковен договор, којшто многумина го доживуваат како пораз на македонскиот дел од земјава, мислам дека се прави еден чекор напред со позицијата на Албанците и тоа нема да биде ниту брзо, ниту едноставно, ниту пак брзо ќе се заборават траумите од војната, затоа што ниту е објаснета, ниту е ставена во некоја рамка. Направен е Рамковен договор, ама настанот не е ставен во рамка, тој не е објаснет, артикулиран, не е изанализииран детално, не е направено резиме на учесниците, во смисла на медали или казни. Не е ставена некоја точка, и бидејќи нема точка, има три точки, постојано лебди можноста дека ќе се искомплицира итн што не сакам да гледам песимистички и мислам дека тоа не е така едноставно да се повтори, ама знаете како, на Балканот никогаш не се знае што ќе се случи.
XS
SM
MD
LG