Достапни линкови

Реформи во судството


И асоцијацијата на правниците од стопанството очекува подобрување на амбиентот на бизнис со реформите во судтвото. Во оваа насока тие се надеваат и на забрзување на извршувањето на судските пресуди. Лилјана Цековска, претседател на правничката бизнис асоцијација, вели дека во моментов тие се соочуваат со апсурдни ситуации во оваа сфера:

„Еве еден најбанален случај. Имавме судско решение за извршување против одредена фирма. Поднесовме предлог за извршување. Другата страна го признава побарувањето, меѓутоа, не приговара класично, да речеме, како приговор на долгот, туку таа бара, само да се начинот на плаќање на да се направи на рати и мене судот ме упатува на парница.“

Само во 2003 година во основните судови има околу 210,000 извршни предмети, а анализата на извршните пресуди, покажува тренд на нивно постојано зголемување, вели заменик – министерот за правда Тања Алтанџиева, според која, наскоро со донесувањето на новиот закон за извршување и обезбедување овие предмети значитечно ќе се олеснат. Со него акцентот, вели Алтанџиева, не се става на постапката пред судот, туку на самото извршување. Ќе се формира посебна институција на извршители со јавни овластувања надвор од судовите:

„Се напушта позицијата на фаворизирање на должникот, со тоа што во голем дел ќе се редуцираат основите за користење на институтот жалба и за приговор од страна на должникот.“

Според Цековска, со новиот закон за трговски друштва значичително се олеснува процедурата за регистрација на фирмите, но потребни се, вели таа, реформи и во другите сфери:

„Треба да се донесе нов закон за Катастарот, односно запишување на правата на сопственост. Имаме конкретни предлози за доставата, имаме предлози во смисла на тоа како да се санкционира злоупотребата на страните во постапката. Исто така прашањето на таксите, посебно сега се актуелизира прашањето на таксите во работните спорови.“

Алтанџиева најавува подобрување на бизнис амбиентот, особено со реформите во процесното законодавство, со измените на законот на кривичната постапка, откако веќе со законот за медиација, преку посредување надвор од судовите странките ги одбегнуваат судските постапки:

„Она на што постојано се повикуваат и странските инвеститори во делот на неконзистентноста на нашиот правен систем, особено во делот што значи, долги судски постапки и на крајот правна несигурност во однос на заштита на нивните инвестиции. Извршени се повеќе измени во делот на процесните закони.“

Сепак, правниците од стопанството инситираат да бидат вклучени во јавната дебата за реформите во судството и бараат од владата и надлежните министерства сите позначајни закони да ги стават на нивните Интернет страници.
XS
SM
MD
LG