Достапни линкови

Македонските власти без нови детали за случајот егзекуцијата на двајца македонски граѓани во Ирак


По деновите на мачна неизвесност, македонската делегација во Катар што ја предводи заменик – министерот за надворешни работи Фуад Хасановиќ треба да ја утврдува веродостојноста на веста за егзекуцијата на Зоран Насковски и Далибор Лазаревски, преку утврдување на автентичноста на видео записот на „Ал Џезаира“ од кои беа емитувани само делови. Заменик – министерот Хасановиќ, кој со експертскиот тим денот го мина по аеродромите на Блискиот исток, доцна вечерва треба да пристигне на аеродромот во Катар. Тој изјави дека снимката ќе се проверува утре:

„Утре, утре, нема шанси денеска.“

По емитувањето на снимката во понеделникот, телевизијата Ал Џезаира им вети на македонските претставници дека ќе им ја даде на увид целата содржина на снимката, на која наводно е прикажано погубувањето на двајцата Македонци. Во меѓувреме, од киднапирањето на тројцата македонски граѓани од Куманово на 21 август, судбината на нивниот сограѓанин Драган Марковиќ останува неизвесна. Шефот на македонската дипломатија, Илинка Митрева, рече дека македонската влада ги удвојува напорите за да обезбеди безбедно враќање на 19-те македонски граѓани што се ангажирани од фирмата „Софуан Инженеринг“ во Ирак:

„Она што се очекува е дозвола за безбеден воздушен коридор. Кога тоа ќе се добие, нашите Македонци ќе бидат во можност да дојдат дома,“

изјави Митрева.

Во меѓувреме останува недоволно јасна пораката што Македонија ја доби од Исламистичката армија на Ирак, со емитувањето на лентата на која се прикажани Насковски и Лазаревски. Таа армија, како што потврди МНР во меѓувреме не се огласила со никакво барање или проглас. Професор Билјана Ванковска, за мотивите на трагедијата во Ирак вели:

„Да бидеме реални, факт е дека Македонија е една од државите која опстојува во коалицијата предводена од САД и јас многу одамна кажав дека како такви можеме да бидеме предемет на терористички напади на дипломатски претставништва во самава држава или на граѓани кои ќе се најдат на домет на овие организации.“

Овој настан според оценката на шефот на македонската дипломатија:

„Не го доведува во прашање престојот на македонските војници во Ирак ниту пак нашето учество во меѓународната анти-терористичка коалиција.“

Од друга страна пак, министерот за надворешни работи со оглед на ситуацијата во Ирак ги повика македонските граѓани да се воздржат од патување во таа земја доколку тоа не е неопходно. Во меѓувреме, МВР соопшти дека има сознанија оти на подрачјетно на Куманово одредени лица на нелегален начин се обидуваат да ангажираат работници кои треба да заминат за Кувајт, но дека не е исклучено апликантите да бидат прераспределени во Ирак. Од овие причини министерството бара од граѓаните кои имаат намера да заминат во некоја од овие замји правилно да се информираат за нивната конечна дестинација.
XS
SM
MD
LG