Достапни линкови

Суспендирани активностите на организацијата во Ирак


Хуманитарната организација Кер Интернешнел ги суспендира своите активности во Ирак поради киднапирањето на шефот на канцеларијата во Багдад Маргарет Хасан. Првиот човек на Кер Австралија Роберт Глесер, кој ги координираше хуманитарните акции на организацијата во Ирак соопшти денеска дека никој од персоналот веќе не работи во таа земја. Катарската телевизија Ал Џезеира објави видео снимка на која е прикажана Маргарет Хасан, веднаш по нејзиното киднапирање вчера во Багдад. Според таа телевизија, непозната ирачка вооружена група ја превзела одговорноста за киднапирањето, но оти засега не поставила никакви барања. Тахсин Хасан, сопругот на хуманитарката Маргарет, која веќе 30 години живее во Ирак, а има ирачко, британско и ирско државјанство, изјави дека таа била киднапирана од пред седиштето на организацијата Кер во Багдад.

„Немаше никакви проблеми досега, бидејки нејзината организација е хуманитарна и таа работеше за ирачкиот народ 30 години. Сите ирачани што ја познаваа, ја сакаа.“

Изјави нејзиниот сопруг Тахсин Хасан. Британскиот премиер Тони Блер го осуди киднапирањето и најави дека Британија ќе превземе активности за нејзино ослободување.

„Тоа е личност која беше исклучително респектирана, мажена за ирачанец, личност која вложуваше огромни напори да и помогне на земјата. Тоа покажува против какви луѓе се бориме, луѓе кои киднапираат и такви личности.“

Инаку, Кер Интернешнел е една од најголемите независни хуманитарни организации, која дејствува во над 70 земји во светот.
XS
SM
MD
LG