Достапни линкови

logo-print

Проверка на информацијата на „Ал Џезеира“


Експертски тим предводен од заменик министерот за надворешни работи Фуад Хасановиќ, претставници на министерството за внатрешни работи и агенцијата за разузнавање заминува во Катар, во напорите за потврда на информацијата која беше објавена на катарската телевизија Ал Џезеира дека ирачката бунтовничка група Исламска армија на Ирак, убила двајца македонски заложници, поради како што се вели во соопштението од оваа бунтовничка група „Шпионирање во корист на американските сили“:

„Целта на посетата е контакт со претставници на МНР на Катар, но истовремено и контакт со претставници на катарската телевизија Ал Џезеира, но најважното е да се провери веродостојноста, автентичноста на материјалот којшто го видовме синоќа, а истовремено наводното постоење на снимка од егезкуцијата и доколку тоа постои да се провери и автентичноста на тој материјал,“

потенцира портпаролот на македонското министерство за надворешни работи Душко Узуновски.

Во очекување на официјална потврда и проверка на информацијата, министерството за надворешни работи, продолжува со телефонските контакти со ирачките власти по првичниот контакт на министерката Илинка Митрева со ирачкиот колега Хошиар Азебари:

„Се цел да се исполни ветувањето коешто го даде министерот Азебари дека преку свои канали ќе ја провери и испита точноста на информацијата од агенциите.“

На видео записот објавен од „Ал Џезеира“, се прикажани лицата на Зоран Наскоски и Далибор Лазаревски, како и нивните лични документи, двајца од тројцата киднапирани кумановчани според информациите грабнати во близина на Багдат на 21 август. За судбината на третиот киднапиран кумановчанец Драган Марковиќ сеуште ништо не се знае. За деновите на неизвесност во неговото семејство велат:

„Не знаеме, немаме никакви информации, се додека министерството не ни кажат како е и што е. Двајца ги има, третиот го нема, ниту слика, ниту ништо, на што да се посомневаш? Никаков заклучок не може да се извлече,“

изјавува Веселин Марковиќ, брат на киднапираниот Драган Марковиќ.

Во Ирак се наогаат уште 19 македонски работници. Министерството за надворешни работи, најавува нивно враќање во земјава:

„Во однос на организирањето на враќањето на преостанатите Македонци коишто беа на работа во Ирак, најевројатно во текот на утрешниот ден, со специјален лет, групата се враќа на скопскиот аеродром,“

вели портпаролот на МНР Узуновски.
XS
SM
MD
LG